Одбраната со 15 отсто поголем буџет во 2018, еден од приоритетите зголемување на платите во АРМ
Буџетот за одбраната за 2018 година ќе биде поголем за 15 отсто, изнесува вкупно 6,4 милијарди денари, зголемен е за 820 милиони денари, а еден од приоритетите е зголемување на платите на целиот армиски состав за десет отсто од 1 јануари.
- Свесни сме дека армијата мора да го добие местото кое и припаѓа, согласно нејзината уставна функција, но согласно и очекувањата кои ги имаме од неа секој пат кога се соочуваме со криза, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната презентација на средствата наменети за одбраната во предлог-буџетот.
Таа нагласи дека со политичка одлука ќе се одредува, која година, со кое темпо Македонија ќе се приближува до целта декларирана од страна на членките на НАТО за издвојување од два отсто од БДП.
Нешто повеќе од 3,7 милијарди се наменети за плати и надоместоци и тука, како што рече Шекеринска е пресметано и зголемувањето на платите за целиот армиски состав за 254,6 милиони денари.
Средствата за стоки и услуги се зголемени за 33 отсто, односно обезбедени се околу 1,660 милиони денари.
- Тие средства меѓу другото се наменети за задоволување на елементарните потреби на армијата како униформи, војнички чизми, резервни делови за одржување на воената опрема и други материјални средства, рече Шекеринска.
Во овој дел од буџетот се и средствата за непречно функционирање на на мировните мисии, во кои учествува АРМ. Во 2018 година учеството во мисијата во Авганистан ќе се зголеми за 20 отсто, а во УНИФИЛ во Либан за сто отсто.
Во оваа ставка спаѓаат и средствата за обуки, вежби и школувања, како и за поправки и одржување на опремата, уредно и редовно сервисирање на опремата и подобрување и одржување на објектите.
За капитални трошоци или набавка на опрема обезбедени се 799 милиони денари, што е за 177 милиони повеќе од 2017. Фокус тука, како што посочи Шекеринска, е исплата на претходни обврски и обезбедување на најнеопходната опрема за АРМ, што исто така е еден од приоритетите.
Шекеринска информира дека 104,5 милиони денари се наменети за тековни трансфери од вонбуџетски фондови и се однесуваат на стара обврска на Министерството за одбрана да обезбеди средства за исплата на пензии на околу 400 воени лица, кои се предвремено пензионирани изминатите десет години согласно законот.
Министерката додаде дека 56,7 милиони денари се наменети за субвенции и трансфери, тоа се средствата, од кои се исплаќаат платите за војници кои се на доброволно служење на воениот рок, платите за питомците на Воената академија, јавното претпријатие „Јасен“, а еден дел, како што рече за жал и за исплата на судски пресуди, кои се веќе завршени, а не се во полза на МО.
- Буџетот за 2018. најавува радикална промена на ставот кон одбраната. Покажува дека Владата континуирано ќе вложува во стандардот, во условите, во опременоста на армијата, која ќе продолжи се до исполнување на НАТО очекувањата за одвојување на два отсто од БДП. Зголемувањето на буџетот е уште еден начин да покажеме дека сме многу сериозни во исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е нашето членство во НАТО, нагласи Шекеринска.
Ново на Сител
-
Нова промена на цените на горивата од полноќ
-
20-годишен скопјанец прегази пешак во скопско Марино
-
Приведен криумчар на мигранти, пронајдени 11 лица од Сирија
-
СДСМ бара одговорност за починатото бебе на детска клиника
-
Таравари: На терен се инспектори и членови на Комисијата за да се испитаат сите факти околу смртта на 14 месечното дете
-
Александар Димков, менаџер на Конти: Јасен беше ризикот, некои добија, некои изгубија
-
До крајот на денов сончево со мала до умерена локална облачност, среда и петок дожд
-
Изгоре товарно возило кај Струмица