Спорт плус
21. July 2016 - 15:17

Одбиена жалбата на руските атлетичари, останува суспензијата за Олимпијадата во Рио

Руските атлетичари, како тркачите, така и оние во техничките дисциплини, и официјално, нема да учествуваат на претстојните Олимписките игри во Рио де Жанеиро, откако Апелациониот суд во спортот ја отфрли жалбата на Рускиот олимписки комитет и на 68 натпреварувачи, определени за настап на Игрите.
 
Руската атлетска федерација претходно беше исклучена од сите меѓународни натпреварувања, како и од членството во Меѓународната атлетска федерација (ИААФ),   по обвинувањето на Светската антидопинг комисија дека во Русија  постои системско допингување на спортистите, спонзорирано од државата.
 
Москва ги отфрла ваквите обвинвања како политизирани и исконструирани, но Апелациониот суд ја потврди веќе донесената казна.
 
Во посебна постапка, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ја испитува можноста за исклучување на сите руски спортисти од претстојната Олимпијада, по добиените резултати од втората анти допинг истрага против Русија, за која се вели дека одново потврдила оти постои државно спонзорирање за давање стимулативни средства на спортистите.
 
Според лондонските медиуми, целата постапка околу аферата со допингот на руските спортисти, започнала по откритијата на инсајдер во рускиот спорт и во антидопинг комисијата во Русија, за кого се вели дека во меѓувреме пребегнал во САД.
 
Атлетската федерација ја поздрави одлуката на Апелационит суд, додека претседателот на ИААФ, Британецот Себастијан Коу, поранешен олимписки и светски шампион, изјави дека денешниот ден не е ден за радување.
 
-Не влегов во оваа работа, во атлетиката, за да им попречувам на атлетичари да се натпреваруваат, изјави Коу во Лондон.
 
Тој рече дека ИААФ ќе продолжи да соработува со Русија, за обнова на здравите состојби во тамошната атлетика