Македонија
22. March 2019 - 8:47

Одбележување на Светскиот ден на водата

Светскиот ден на водата денеска ќе биде одбележан со низа настани во државата. Ќе се одржат дебати, работилници и проекции на филмови, подводно ќе се чисти езерото Матка, а ќе биде посетен и изворот Рашче.

Централниот настан ќе се одржи во Кинотека на Македонија во организација на Институтот за јавно здравје, а ќе присуствуваат производители на вода, ученици од основни и средни училишта, студенти, пензионери и претставници на институции. Предвидена е презентација на активност која се однесува на екологијата, собирање на пластична амбалажа и можноста за нејзино рециклирање. Ќе има и музичка програма.

Во рамки на програмата на ИЈЗ ќе се одржи проекција на филмовите на тема вода „Езеро од јаболка“ и „Водата“. Средствата кои ќе бидат собрани на настанот, како што информираат од ИЈЗ, ќе бидат донирани за лекување на дете со нарушена здравствена состојба.

По повод Светскиот ден на водата, спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и нуркачкиот клуб „Пена“ подводно ќе го чистат езерото Матка, а ќе се чисти и појасот долж кајакарската патека и патеката која води кон манастирот „Св. Никола Шишевски“. Во акцијата ќе се вклучи и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски ќе го посетат изворот Рашче и лабораторијата каде се вршат испитувања за квалитетот на водата за пиење, а на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Водата значи живот“.

Здружението на граѓани за промовирање на здрав начин на живот ,,Мое здравје”- Скопје вечер во малата сала на Домот на АРМ по повод Светскиот ден на водата организира дискусија на која се поканети факултетски професори, стручњаци од соодветната област, инженери-технолози, нутриционисти, а Здружението за третман на вода со поддршка на ЕУ во основните училишта во Струмица во рамки на културно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот“ организира ликовна колонија со наслов „Нацртај ја водата“.