Македонија
8. April 2017 - 12:05

Одбележување на Меѓународниот ден на Ромите

Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, ден кога се слават историјата и културните вредности на ромската популација, според востановената традиција, во Битола ќе биде одбележан со хепенинг кој точно на пладне ќе се одржи на плоштадот „Магнолија“. 

Во пресрет на пладневниот настан, претседателот на Здружението на Роми „Ромска ѕвезда“-Битола, Џевдет Џеловски најави дека ќе биде приредена богата музичка програма, но и ќе биде оддадена уште една почит кон македонскиот Ром Фаик Абди, кој во 1971 година учествувал на Првиот конгрес на Ромите што се одржал во Лондон, со што директно придонел во остварувањето на желбата на Ромите од цел свет да бидат признати и почитувани. 

- Со гордост го прославуваме празникот и потсетуваме на значењето на културните вредности и специфики на ромската заедница. Ромите, како интегрален дел од македонското општество, се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик и да ги развиваат својата култура и традиции, и активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот на државата. И, денес испраќаме порака дека е потребна поголема поддршка за ромската популација која се соочува со социјални и економски проблеми, рече меѓу другото Џеловски, во пресрет на пладневниот хепенинг во Битола. 

По повод Меѓународниот ден на Ромите, Министерството за труд и социјална политика вчера организираше „Отворени канцеларии” за граѓаните што живеат во ромските населби. 

Тимови од Центрите за социјална работа и од Ромските информативни центри излегоа на терен во населбите каде живее ромско население и во населбите каде живеат поголем процент Роми со цел да даваат услуги на терен. На овој начин ќе се олесни и ќе се унапреди пристапот на ромското население до социјалните услуги на локално ниво.

Министерството за труд и социјална политика, како што соопшти, со оваа пракса планира да продолжи и во иднина.