Македонија
26. April 2019 - 12:34

Одбележано излегувањето на првите партизани од Гевгелија и гевгелиско

Гевгеличани денеска пригодно го одбележаа денот на кој пред 76 години излегле првите партизани од градот и околината со цел да се борат во состав на формираните одреди за ослободување на земјата од фашистичкиот окупатор.

По тој повод, делегации на боречката организација, локалната самоуправа предводена од градоначалникот Сашо Поцков, претставници на јавните институции, политички партии и граѓански здруженија, им оддадоа должна почит на народните херои и паднатите борци од овој крај со положување цвеќе пред Спомен костурницата во центарот на Гевгелија.

Излегувањето на партизаните од овој крај се совпаднало со Велигденските празници пред 76 години кога било договорено тие да излегуваат во групи поради безбедносни причини, рече претседателот на гевгелиската боречка организација, Ристо Марковски, кој посочи дека првата група партизани излегла токму на денешен ден и нагласи дека треба да продолжиме да го чествуваме овој ден затоа што е многу значаен за историјата на Гевгелија.