Македонија
30. March 2016 - 14:48

Одбележани 80 години од раѓањето на академик Цветан Грозданов

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска одбележа 80 години од раѓањето на академик Цветан Грозданов.

Претседателот на МАНУ Таки Фити истакна дека Цветан Грозданов е нашиот најеминентен историчар на уметноста, византолог со европска и светска репутација и врвен научник. Неговото дело, како што рече, и донесе престиж и репутација во целина на Македонската академија на науките и уметностите.

- Делото на академик Цветан Грозданов е грандиозно, величенствено, како според временскиот период на истражување, така и според ипозантноста на неговиот научен опус и особено според неговата научна скрупула и меѓународно потврдена и призната оригиналност, рече Фити. Додаде дека неговиот научен интерес опфаќа векови, милениумска хронолгија која се протега од најраните пројави на старословенската култура и уметност, преку доцниот среден век и епохата на преродбата од 19 век, па до денешни дни. 

Тој потенцира дека библиографијата на Грозданов содржи повеќе од 300 научни трудови, меѓу кои и извонредно вредни, квалитетни книги и монографии. Потсети дека МАНУ почна со реализација на проектот „Избрани дела на академик Цветан Грозданов“, кој ќе содржи 10 томови, од кои првите веќе се публикувани и промовирани.

Академик Георги Старделов направи преглед на научното дело на Грозданов, посебно на неговите девет обемни монографии.

- Неговите фундаментални дела за историјата на нашата средновековна уметност и култура не се само историја, туку и заедно со тоа историја на нашето духовно траење, на духовните вертикали на нашиве простори, рече Старделов.

За научниот опус на Грозданов зборуваше проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ.

- Богатото и низ векови создавано културно-уметничко наследство во Македонија, Охрид и Охридската архиепископија во истражувањето и делото на академик Грозданов доби достоен толкувач и истражувач, кој духовните и културно-уметничките достигнувања на оваа средина ги афирмира како трајни цивилизациски вредности, инспирирани и проникнати од византиската и источнохристијанската култура, духовност и уметност, рече Цветковски. 

Во рамки на одбележувањето на јубилејот беше промовиран и првиот број на „Монумента“, списанието на Истражувачкиот центар за културно наследство. 

Професорката Елица Манева го промовира првиот број на „Монумента“ и истакна дека идејата за појавата на ова списание е на Цветан Грозданов, кој е и главен уредник.

- Списанието има извонреден квалитет. Без сомнение  „Монумента“ ќе биде едно спсисание со висок фактор на влијание во научните кругови од сферата на историја на умертност, археологијата, историјата, филологијата и сродните научни дисциплини кои се занимавтаат со културното наследство, рече Манева. Таа изрази надеж дека списанието долго ќе трае и оти ќе се цитира во иднина. 

Прикажан беше и филмот на МРТ „Меѓу иконите и фреските“ снимен по повод 80 години од раѓањето на Грозданов. 

На настанот присуствуваа г.г. Стефан, академици, универзитетски професори, писатели и почитувачи на делото на академик Грозданов.