Македонија
4. January 2017 - 13:00

Одбележани 74 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур

Одбележани 74 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур денеска во Ваташа, додека бројни делегации положија свежо цвеќе на бистата пред Спомен куќата во ова кавадаречко село.

За животот и делото на Пинџур говореше историчарот Петре Камчевски, директор на кавадаречкиот музеј. Тој нагласи дека станува збор за  еден од најголемите револуционери и борци за слобода од поновата историја на македонскиот народ.

Страшо Пинџур бил  роден на 5 март 1915 година  во Струмица,   каде неговиот татко извесно време работел  како учител. Рано останал без татко му,  кој во октомври истата година  загинал во Првата светска војна,   во борбите кај Криволак. По премажувањето на неговата мајка за него единствено се грижела  неговата баба Наста,  на која  и останал приврзан до крајот на својот живот. Завршил основно образование во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. Потоа како државен стипендист го продолжил своето образование во Крагуевац. Тука започнала  и неговата револуционерна дејност.

- Страшо, иако релативно многу млад,  жестоко му се спротивставил на српскиот психолог Василие Правуловиќ, кој за македонците тврдел дека се прост и необразован народ. Во Белград Страшо се запишал на Правниот факултет и станал член на културно просветното друштво „Вардар“, а бил и негов секретар. Во напредното студентско движење се вклучил во студентскиот Акционен одбор, кој ги организирал сите студенски демонстрации. Во текот на 1938 година  се обидел да се приклучи кон меѓународните интернационални бригади во Шпанија, но поради затворањето на границите со Франција бил приморан да се врати назад. Истата година  поради револуционерна дејност бил  уапсен и затворен во затворот Ада Циганлија во Белград, рече Камчевски.

Една година подоцна  заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја обновиле  работата на Комунистичката партија за Кавадарци. Во 1940 година  бил повторно уапсен и повторно затворен во Ада Циганлија. По пуштањето од затвор се вклучил во работата на партиската организација во Скопје и станал инструктор  во Покраинскиот комитет на Комунистичката партија, а веднаш потоа и негов член.

Страшо Пинџур бил секретар на Месниот комитет  на Скопје и  еден од најзаслужните за формирањето на скопскиот партизански одред. Во јуни 1942 година  Страшо бил  член на Главниот штаб на Македонија.

- По разбивањето на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, заедно со Мирче Ацев биле испратени во Велес да ја средат работата на партиската организација во овој град. Кон крајот на  декември 1942 година  биле  уапсени во куќата на Јован Митрев и биле  спроведени во Скопскиот областен затвор. По невидена тортура во која учествувале неколкумина бугарски агенти, Страшо Пинџур  починал на 4 јануари 1943 година  како резултат на жестокото тепање. Неговото тело било   изнесено од затворот и закопано на непозната локација, така да и денес не се знае каде е неговиот гроб, додаде Камчевски.

Страшо Пинџур е прогласен меѓу првите во Македонија за народен херој,  на 20 јули 1945 година.