Македонија
13. July 2015 - 12:16

Одбележани 74 години од првата жртва во Македонија во Втората светска војна

Тиквешијата денеска одбележа 74 години од смртта на Диме Поп Атанасов-Горски, кој бил прва  жртва  на бугарскиот  фашистички  окупатор  за  време на   Втората   светска   војна   во   Македонија.

По тој повод, на неговиот споменик, кој се  наоѓа  помеѓу неготинските села Долни и Горни Дисан, свежо цвеќе положија делегации на здруженијата на борци од Кавадарци и Неготино.

Според официјалните податоци со кои располагаат боречките здруженија, Диме  Поп  Атанасов  бил   роден  во  кавадаречкото  село Страмашево во 1918 година. Родителите му се преселиле во Кавадарци каде  тој  завршил   основно  образование  и граѓанско  училиште  до  четврти клас. 

- Немајќи материјални можности за дошколување, првично бил  шивачки калфа, а подоцна и писар во општината. Носител  бил  на  прогресивни идеи во градот, а љубовта кон знаењето и образованието биле причина за иницијатива за формирање градска библиотека и читална. Подоцна организирал и младински отпор кон српскиот хегемонистички апарат. Набргу по ова веќе бил непожелен за власта, па не само што бил исфрлен од општината туку и повеќе пати бил приведуван и затворан во кавадаречкиот затвор, информираше кавадаречкото здружение на борци.

По капитулацијата на тогашна Југославија, како што соопштија од боречката организација, не чекал ниту недела, а веќе тргнал во  организирање на македонскиот народ од Тиквешијата за оружена борба против бугарскиот  окупатор. 

- На  терен бил постојано, меѓу интелектуалната младина во градот и по селата. Вршел собирање на оружје за востание против Бугарите,  работел на организирање на  народот. Кога бил во селото Горни Дисан заедно со неколку негови истомисленици, при агитација за нужен отпор кон бугарскиот окупатор, паднал смртно погоден при огнена пресметка. Загинал уште при подготовките на Тиквешијата за одлучна борба  против Бугарите и фашистичка Германија на 13 јули 1941, како прва  жртва на бунтовната Тиквешија, но и на Македонија, против бугарската окупација. Бил член на месниот комитет на СКОЈ и на КПЈ, информира Здружението на борци Кавадарци.