Македонија
16. јуни 2016 - 14:03

Одбележани 73 години од стрелањето на ваташките младинци

По повод 73 години од стрелањето на 12 ваташки младинци, денеска повеќе делегации положија цвеќе пред споменикот во Моклиште, кај кавадаречкото село Ваташа. 

Историски час одржа професорот по историја во кавадаречката гимназија „Добри Даскалов“ Мики Камчевски.

- Жителите на Ваташа со задоволство и гордост се потсетуваат на своите славни херои. Еден од тие спомени предизвикува горчина во нивната душа и немир во нивните срца, а тоа е споменот за стрелањето на 12 ваташки младинци од страна на бугарскиот фашистички окупатор, еден од најкрвавите настани за време на Втората светска војна во Македонија, рече Камчевски. Додаде дека биле запалени куќи и плевни во селата Ваташа, Ресава и Шивец, а бројот на стреланите се зголемил на скоро 60 лица.

Тој информира дека се работи за Перо Илов Видов-15 години, Ванчо Тасев Гурев-19 години, Данко Глигоров Дафков-18, Илија Димов-18,Ристо Трипов Ѓондев-18, Блаже Ицев-20, Герасим Лазов Матаков-18, Пане Методија Мешков- 18, Ферчо Поп Ѓорѓиев-26, Васил Хаџи Јорданов-28, Диме Блажов Чекоров-20 и Пане Методиев Џунов-18 години. Со нив биле спроведени и четирите младинки од селото, блиски роднини на некои од младинците и тоа Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова. 

- Денес, многу години по оваа трагедија, сите слободољубиви луѓе и сите кои ја ценат и почитуваат саможтрвата знаат дека сето она што го направија младинците од Ваташа за слободата на својот народ е дело за восхит и почит. Дело кое секогаш ќе остане како траен белег да се памети и почитува од денешните и генерациите кои доаѓаат, затоа што нема ништо посвето од слободата за татковината и слободата на својот народ, рече Камчевски.

Овој крвав настан, како што рече, кој ќе остане запаметен како еден од најголемите злочини што ги извршија фашистите во Македонија во времето на Втората светска војна, го опеа поетот Лазар Манчевски во песната „Ми заплакало селото Ваташа“, во летото 1953 година. Додаде дека сите учесниците од стрелачкиот одред во крвавиот ваташки злостор подоцна биле казнети.