Македонија
27. November 2019 - 14:42

Одбележани 50 години постоење на Хеликоптерската единица при МВР

Ремонтирани четири хеликоптери, реновинар хангар како и нови униформи за хеликоптерската единица при МВР се дел од активностите на Министерството за внатрешни работи кои ги реализирале во последната година за унапредување на работата на единицата, информираше денеска министерот Оливер Спасовски на одбележувањето 50 години постоење на Хеликоптерската единица.

-Во петдеценискиот развој и работата на Хеликоптерската единица, заедно со сите нејзини припадници, бележи континуиран напредок, како технички, така и кадровски, израснувајќи во максимално респектабилен фактор, неопходен за секојдневното функционирање на министерството. Сакам уште еднаш да ја потенцирам нашата решеност, мојата и на актуелното раководство на МВР, да продолжиме со конкретно инвестирање, пред сè техничко, професионално и стручно, во натамошното унапредување на единицата, рече министерот Спасовски.

Информираше дека е обезбеден ремонт за две летала, на „Бел 212“ и на „206“. Со модернизација на инструментариумот и вградување на специјална опрема за работа со јажиња, „Бел 212“ ќе се оспособи за животоспасувачки акции, со што двојно ќе биде зголемен неговиот капацитет. Пред една година ремонтирани се двете летала М-171, а во рамки на сеопфатните активности за материјално обезбедување и опремување на припадниците на полицијата, набавени се и летечки униформи за персоналот и делови од опрема за припадниците на хеликоптерската единица.

На свеченоста по повод 50 годишниот јубилеј свое обраќање имаше и началникот на одделот за воздухопловни единици Ненад Алексовски кој поздравувајќи ги присутните гости нагласи дека одбележувањето на еден ваков јубилеј претставува дополнителна мотивација но и обврска да продолжат да се грижат за безбедноста на граѓаните.

-Единицата за своето 50 годишно постоење се докажа како значаен елемент во служба на голем број организациони единици на Министерството за внатрешни работи почнувајки од специјалните единици, телекомуникации, гранична полиција, крим полиција, сообраќајна полиција, јавен ред и мир, ВИП превоз и многу други служби, истакна Алексовски.

На свеченоста беа доделени плакети и благодарници за соработката со единицата, а пилотите со четири хелихоптери изведоа показни вежби за можностите на леталата во воздух како и симулација за спасување на параглајдерист од непристапен терен.