Македонија
25. December 2016 - 13:56

Одбележани 35 години архијерејско служење на митрополитот Петар во МПЦ-ОА

По повод 35 години архијерејско служење во МПЦ-ОА на митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар, Македонската православна црква - Охридска архиепископија денеска приреди свеченост во Преспанско-пелагониската православна епархија. 

Чествувањето се одбележа во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола кое почна со Утрена богослужба и Света архијерејска Златоустова литургија, на која учествуваа архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со архијереите на МПЦ-ОА. Свеченоста беше заокружена со промоција на 18 томови богослужбени книги преведени од црковнословенски на современ македонски јазик, и на книгата „Духовната доктрина на ’Св.Климент Охридски’“ чиј автор е владиката Петар.

- Јазикот имал, има и ќе има исклучително место во животот на секој народ. Јазикот бил главниот клуч во проповедта на апостолите, во проповедта на солунските браќа Кирил и Методиј, во дејноста на Свети Климент, а имало и време кога, за жал, и во богослужбата и во храмовите Божји во нашава македонска земја се служело на неразбирлив јазик и тоа дополнително ги оттргнувало нашите луѓе од верата и од светите богослужби. Затоа денес ги промовиравме богослужбените книги Минеите, преведени на македонски јазик од професорот Јован Таковски, големо дело, рамно на тоа што светите браќа и Свети Климент го правеле пред повеќе од еден милениум, истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. 

Книгата „Духовната доктрина на Св. Климент Охридски“ на г. Петар е напишана во Рим, а во Битола  ја промовираше Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“-Скопје.

- Таа претставува исклучително вредно дело на македонски јазик кое се открива во годината кога одбележуваме 1100 години од блаженото упокојување на охридскиот чудотворец Свети Климент, кому митрополитот г. Петар ја посветил, истакна Ѓорѓевски. 

- Цел живот изложен сум на искушенија и тоа го доживувам како свој крст што Бог ми го дал да го носам и не ми е тежок. Напротив, тоа е мојата радост. Ние не треба да се грижиме за сите искушенија и страдања низ животот затоа што Господ никогаш нема да ни даде поголеми искушенија од оние што можеме да ги поднесеме, рече меѓудругото митрополитот г. Петар.

На прославата по повод 35 години аррхијерејско служење на г. Петар во МПЦ-ОА присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и градоначалниците на Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Новаци.