Македонија
2. December 2016 - 15:29

Одбележани 20 години од Мировниот корпус на Македонија, промовирана нова група волонтери

Четириесет и четворица нови волонтери на Мировниот корпус во Македонија денеска положија заклетва и во земјава ќе престојуваат во следните две години. Ова е 21-та група волонтери на американскиот Мировен корпус во Македонија, кој во земјата е присутен веќе 20 години. 

Првите волонтери во Македонија дошле во 1996 година и досега во повеќе општини и заедици минале над 680. Во овие 20 години Мировниот корпус има работено во речиси сите општини во Македонија соработувајќи со повеќе од 500 наставници, учејќи повеќе од 100.000 ученици, работејќи во партнерство со повеќе од 400 организации. Организирани се повеќе од 20 младински кампови во земјата, како дел од нивната служба.

Американскиот амбасадор во земјата Џес Бејли, пред кого положија заклетва новите волонтери на Мировниот корпус, истакна дека поголемиот дел од нив се избрани врз основа на нивните вештини, искуство и образование.

- Македонија е една од најпопуларните земји во Мировниот корпус по број на апликанти. Желбата да се живее овде се темели врз нивниот интерес за луѓето, културата, историјата и јазикот на Македонија, рече Бејли на одбележување на јубилејот.

Волонтерите во изминатите 2 и пол месеци како дел од подготвителната обука ги изучуваа македонскиот и албанскиот јазик и културата и имаа можност за практична обука. За време на обуката тие живееја во семејства-домаќини за да стекнат подобро разбирање за заедниците и за културата во Македонија и полесно да ги научат локалните јазици. Тие ќе продолжат да живеат во повеќе градови и населени места во земјата а доаѓаат од различни делови на САД како Тексас, Калифорнија, Пенсилванија, Њу Џерси, Ајдахо, Вирџинија...

Директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин истакна дека е потребна посебна личност да се стане еден од волонтерите. - Се бара посветеност, трпение, желба за авантура и храброст. И покрај тоа што вашата мотивација доаѓање на почетокот е индивидуална, времето поминато тука ќе остане едно од најнезаборавните во вашиот живот, рече Ханафин. 

Американскиот мировен корпус оваа години одбележува 55 години од основањето. За негов креатор се смета претседателот Џон Ф. Кенеди.