Македонија
5. јуни 2019 - 15:58

Одбележани 18 години од загинувањето на шесте припадници на тетовскиот гарнизон

Во тетовската касарна „Кузман Јосифовски-Питу“ денеска се одбележаа 18 години од загинувањето на припадниците на Армијата и гарнизонот во Тетово во 2001 година. На 5-ти јуни 2001 Исак Руфати, Николче Китанов, Пеце Матичевски, Влатко Миленковски и Благоја Силјановски загинаа во заседа на патот Шипковица-Гајре, додека на 1 јули на Тетовското кале од минофрлачка граната загина Блашко Толев.

-Тие со својата пожртвуваност и должност кон татковина докажаа дека „не вреди да живееш ако нема за што да умреш“. Оваа максима можеби за малку ќе ја ублажи болката и ќе најде утеха за загубата на нашите шест припадници кои летото 2001, извршувајќи ја својата должност, загинаа во борбените операции. Но, вистинската загуба и болка која пред се ја чувствуват семејствата не може со ништо да биде надополнета, истакна командантот на тетовската касарна, потполковник Изаир Ејупи.

Пред спомен плочата на припадниците на АРМ поставена во тетовската касарна, беше положено цвеќе. Покрај претставниците на Третата механизирана бригада и делегација на претпоставената команда, цвеќе положија членови на Сојузот на борци Тетово, Одбор на бранители, Резервни офицери и Сојузот на воени инвалиди и Ветерани од одбраната и безбедноста.