Македонија
26. April 2017 - 9:17

Одбележана годишнина од формирањето на МНД-Битола

Македонското научно друштво (МНД) -Битола годишнината од формирањето ја одбележа со ликовно-поетска манифестација и изложба на дела од Друштвото на ликовните уметници-Битола-ДЛУБ, меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ и меѓународната ликовна колонија „Нижо Поле“.

На синоќешната свеченост претседателот на МНД-Битола Марјан Танушевски, истакна дека Македонското научно друштво е многу повеќе од здружение кое 57 години ја негува традицијата и мисијата на Друштвото востановена во 1960 година.

- Македонското научно друштво-Битола денес претставува пример за пристапот кон научната мисла, место кое ги вмрежува науките и уметностите, поединците и институциите чија цел е афирмација на културните вредности во градот, државата и во странство, посочи Танушевски.

На одбележувањето на годишнината од формирањето на МНД-Битола беше потпишан Меморандум за соработка меѓу МНД-Битола, ДЛУБ и ликовните колонии „Де Ниро“ и „Нижо Поле“, а беа промовирани творештвото на ликовниот уметник Панде Петровски и поетот Панде Манојлов.

- Македонското научно друштво-Битола не е светска академија, но е мал научен, културен и уметнички биљур на овие македонски простори. Мали сме, но со големи души на луѓето кои членуваат во него и нивните дела чија големина времето ќе го каже и кажува својот суд, рече Манојлов на синоќешната свеченост што се одржа во Битолскиот музеј.

Управниот одбор на МНД-Битола за успешната афирмација на МНД-Битола и постигнатите творечки резултати на Петровски и Манојлов им додели посебни награди – значка на МНД-Битола.