Македонија
14. April 2016 - 14:11

Одбележана 55 годишнината од подвигот на Јуриј Гагарин - првиот лет во космосот

Фактот дека пред 55 години Јуриј Гагарин за само 108 минути ја облетал Земјата, запишан е во историјата на човештвото како голем научен и човечки подвиг, кој го трасирал патот кон ѕвездите и ја реализирал вековната мечта на цивилизацијата... Иако нашата земја го има отворено патот кон космосот, неговото освојување е сепак дело на целокупната човечка цивилизација, а денес можеме да зборуваме за голем број учесници во тој проект.

Ова го истакна рускиот амбасадор Олег Шчербак на пригодната свеченост во чест на рускиот космонаут Јуриј Гагарин и одбележувањето 55 години од првиот лет во вселената што денеска во Скопје ја организираа Абасадата на Русија во соработка со „Македонија, Добредојде Центарот“ . 

Тој нагласи дека Меѓународната вселенска станица е вистински врв во интеграцијата на залагањата на повеќе држави за истражување на вселената. Започнат во 1993 година по потпишувањето на спогодбата за космичка соработка меѓу Русија и САД, овој проект, додаде тој, денес вклучува национални вселенски агенции на 14 земји, меѓу кои и на Јапонија, Европската вселенска агенција, Канада, Германија, Франција, Шпанија, Шведска.

- Денес Меѓунардоната вселенска станица претставува пример за ефикасна и конструктивна соработка меѓу повеќе држави во светот и ние се гордееме дека Русија има една од водечките улоги во овој проект. За мене тоа е одличен пример за соработка и во други дејности како во политиката и дипломатијата. Особено сакам да истакнам дека и во најтешки времиња, во период на „студената војна“, на санкции, регионални конфликти и кризи, соработката во сферата на космосот никогаш не прекинала. Тоа значи ако постои желба и политичка волја сите ние можеме да работиме заедно за доброто на сите..., рече Шчербак.

Освојувањето на космосот е голема мисија за која човештвото е способно само како целина без оглед на национална припадност, раса, вероисповед и политичка определба, рече рускиот амбасадор и додаде дека соработката во космосот има уште една димензија, не учи подобро да се разбереме еден со друг на планетата Земја.

По повод овој јубилеј беше приредена изложба со фотографии од првиот лет на Гагарин и краток филм, а делегација од Руската амбасада и од Општина Карпош положија цвеќе на споменикот на Гагарин на истоимената улица во Општината