Македонија
20. September 2016 - 14:15

Одбележан Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата

Навременото поставување дијагноза кај децата со нарушен раст и соодветно отпочнување со неопходната терапија во раните години од претшколска возраст овозможува да се постигнат добри резултати во нивното лекување. 

Ова на прес-конференција го истакнаа од Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“, во рамки на одбележувањето на 20 септември, Светски ден за подигнување на свесноста за растот кај децата под мотото „Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите“.

Претседателот на Здружението, Александар Петровски рече дека во Македонија 100 до 110 деца со нарушување на растот се лекуваат со хормон за раст, терапија која е целосно покриена од државата, но постои поголема група деца кои се уште не добиле можност да почнат со терапијата.

- Континуирано се ангажираме заедно со институциите да се изнајде решение за можност новите пациенти да добијат навремена терапија и право на избор на терапија, како што е воспоставено во најголем број земји во светот, затоа што 365 дена во годината мора без прекин да ја примаме терапијата со хормон за раст, рече Петровски.

Посочи дека во тековната година економскиот директор на Клиниката за детски болести Ридван Ибраими е главен причинител поради кој децата постојано се соочуваат со проблем и паузирале со терапија повеќе пати во годината, што, според него, не смее да се случи.

- Прави опструкции во сите фази во процесот на носење на одлуките на набавка на терапија, рече Петровски, притоа обвинувајќи го директорот Ибраими дека не ги почитува одлуките на Фондот за здравствено осигурување на Македонија кој ги обезбедува средствата за набавка на хормонот за раст.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски на прес-конференцијата рече дека Фондот го зголеми буџетот и обезбеди условен буџет за таргетирано лекување на Детската клиника и петта година по ред децата добиваат навремена терапија за здрав и нормален развој. Посочи дека годинава предвиделе средства во висина од 51.068.400 денари за хормон за раст на 100 деца.

- Нашата соработка со „Раст“ резултираше и со подобрување на начинот на кој децата ја земаат потребната терапија. Тоа значи дека сега родителите на 100 дечиња кои имаат потреба од хормонот за раст доаѓаат во здравствените установи еднаш на три месеци и ја подигнуваат терапијата. Заштедивме време и пари на родителите кои сега доаѓаат на Детската клиника само пет пати годишно, наместо како порано 24 пати во годината, истакна Стефаноски. 

Додаде дека ФЗОМ ќе продолжи и во иднина да има слух за решавање на реалните потреби на осигурениците, онаму каде тој е надлежен.

- Почнавме уште пред неколку години и супер одиме во делот особено на оние кои досега го примале хормонот за раст и веќе достигнале висина која е поврзана со насмевка, задоволство и квалитетен живот, рече директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова.

Посочи дека нивна крајна цел е да работат повеќе и со семејствата кои го имаат тој проблем и тоа ќе продолжи. 

Директорот на Детската болница Козле, Оливер Зафировски рече дека даваат придонес во рана детекција и секогаш секое дете кога ќе дојде кај нив за кое било белодробно лекување му прават и проценка на растот. - По соодветни направени испитувања и проценка на растот дека имаме индикации дека не задоволува за возраста наша единствена цел е да ги упатиме на Клиниката за детски болести каде има професионалци кои работат на таа област и да продолжат со нивното лекување, рече Зафировски. 

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата на Плоштадот Македонија денеска се организира бесплатно мерење на висината и тежината на сите дечиња кои сакаат да проверат дали нивната висина е соодветна за возраста. Мерењето го вршат медицински екипи од Детската болница Козле. Пејачот Виктор Апостоловски на секое дете кое ќе ја провери својата висина и тежина ќе му подари свое ЦД.