Македонија
15. May 2018 - 14:31

Одбележан Светскиот ден на метрологијата

Без развиен метролошки систем не се возможни фер трговија и заштита на потрошувачите, а Бирото за метрологија ја има клучната улога во развојот и одржувањето  на метролошкиот систем во земјава, како и и во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство со она на ЕУ, порача министерот за економија Крешник Бектеши на одбележувањето на 20 Мај, Светскиот ден на метрологијата.

Тој посочи дека Бирото е институција тесно поврзана со граѓаните и стопанството и претставува неодминлив елемент во обезбедувањето на квалитет на производите, покревање на продуктивноста и конкурентноста на пазарот.

Нагласи дека  инфраструктурата за квалитет дава суштински придонес кон надминување на техничките бариери што води  кон фер трговија и грижа за потрошувачите.

- Со Стратегијата за унапредување на инфраструктурата за квалитет се дефинираат чекорите за динамичен и сеопфатен развој на метрологијата, стандардизацијата и акредитацијата како елементи на националната инфраструктура за квалитет, рече Бектеши. 

Директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи истакна дека секојдневно во животот се правата некои вообичаени работи кои бараат мерење.

- Многу активности во нашиот секојдневен живот вклучуваат некаков вид на мерење на кое ние се потпираме без дури и да забележиме. Без разлика за која област на мерење станува збор, дали се работи за трговија, анализи, тестови, калибрација, контрола на квалитет во технолошките процеси, наука, довербата во резултатите кои се добиваат е од големо значење, рече Мустафаи и додаде дека точноста  и сигурноста на мерењата бараат континуирани подобрувања.

Посочи дека „Постојана еволуција на Меѓународниот систем на мерни единици (SI)“ е тема на годинашниот Светски дена на метрологијата и додаде дека е избрана, бидејќи се очекува во ноември годинава да се усвои една од најголемите промени во SI системот.

- Тоа значи дека ќе има промена во начинот на  дефинирање на одредени единици на мерење - маса, температура и рефидираниот SI систем ќе биде целосно базиран на константи на природата. Промената нема директно да влијае на мерењата во секојдневниот живот, рече Мустафаи.  

Одбележувањето на 20 Мај како Светски ден на метрологијата претставува потсетување на прифаќањето на Метарската конвенција од 17 земји во 1875 година, со која е поставена рамката за меѓународната соработка во метрологијата и нејзината индустриска, комерцијална и социјална примена.