Македонија
30. јуни 2017 - 14:03

Одбележан Меѓународниот ден на кооперативите

Македонија има потреба од зајакнување на земјоделските кооперативи и нивно ширење, со што земјоделците ќе добијат подобра оперативност, помали трошоци и подобар пласман за она што го произведуваат. Ова беше истакнато од Фондацијата CNVP Македонија (Connecting Natural Values & People Foundation) на денешната средба со новинарите по повод Меѓународниот ден на кооперативите, кој се одбележува секоја прва сабота во јули. 

Наташа Доковска, бизнис менаџер од CNVP Македонија на денешната средба со медиумите истакна дека во последните години земјоделците се соочуваат со повеќе проблеми, како зголемени цени на репроматеријали, намалени цени на земјоделските производи, слаб пристап и нерамнотежа на пазарите, недоволна и неефикасна соработка со другите учесници во синџирот на снабдување. Тоа, како што рече, пројави потреба за окрупнување на земјиштето и формирање на т.н. кооперативи. 

- Доколку во светот постои тренд на зајакнување и се поголема работа, во Македонија има опаѓање на окрупнување на земјоделските посеви, рече Доковска.

Според последното истражување направено во рамки на Националниот комитет за семејно  земјоделство во Македонија официјално се регистрирани 170.885 семејни кооперативи, кои во просек располагаат со 1,85 хектар земјиште и 2,14 добиточни единици. Во 2007 година биле евидентирани  вкупно 192.675 земјоделски домаќинства, од кои 192.375 или 99,8 отсто биле регистрирани како семејни земјоделски стопанства. 

Анализите, како што нагласи, покажуваат дека жените во мал процент се вклучени во земјоделските кооперативи, со што се повеќе се зголемува родовиот јаз во Македонија.  

- Македонија треба да истрае на патот за изнаоѓање свое место во големото семејство на кооперативи чиј годинешен слоган е „Никој да не остане изоставен“, рече Доковска. 

Директорот на CNVP Македонија Сашо Петровски смета дека за Македонија е потребно малку повеќе време за да се практикува овој концепт кој, како што рече, би требало на земјоделците да им донесе малку подобра оперативност, помали трошоци и подобар пласман за она што го произведуваат. 

Меѓународниот ден на кооперативите се одбележува од 1992 година, под покровителство на ОН и тоа секоја прва сабота во јули. Најмногу земјоделски кооперати има во Азија, а од Европа во Италија и во Франција.