Македонија
27. October 2017 - 16:29

Одбележан Денот на ОН: Владината програма реформска, ќе се исполнуваат целите за одржлив развој

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска учествуваше на свеченоста по повод Денот на Обединетите нации, која беше посветена на иницијативата за зголемување на јавната свест за остварување на 17-те цели за одржлив развој, усвоени од страна на светските лидери во 2015 година, соопшти владината служба за информирање.

„Никој да не биде изоставен” беше лајтмотивот на денешната свеченост што се одржа во Скопје, на која во присуство на високи претставници на агенциите на Обединетите нации, претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор и на граѓанските организации, со пригодни говори се обратија постојаната координаторка на ОН во Македонија Луиза Винтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров и премиерот Зоран Заев.

Заев во обраќањето нагласи дека од „намалување на сиромаштијата“, до „достоинствена работа“ и „достапна и чиста енергија“, секоја од 17-те цели претставува предизвик за целиот свет и за нивното остварување е потребна соработка од страна на сите влади, меѓународни организации, граѓанското општество, медиумите и граѓаните.

- Заедно со сите други земји, посветени сме на имплементацијата на Целите за одржлив развој. За тоа не постои законска обврска. Постои цивилизациска, хуманистичка, човечка обврска, која е многу посилна од законската, истакна премиерот.

Постојаната претставничка на ОН во Македонија рече дека суштината на целите за одржлив развој е доловена во реченицата „Никој да не биде изоставен“.

- Ова е нашиот водечки принцип во се што правиме. Драго ни е што реформската програма на Владата е заснована врз истиот принцип. На овој Ден на Обединетите нации го покануваме секој поединец да одбере своја цел и заедно да работиме кон одржлив развој, рече Винтон.

Министерот за надворешни работи Димитров, надоврзувајќи се на кампањата што ја започна тимот на ОН во Македонија, истакна дека и Владата има цел да изгради општество со можности за вклученост на сите граѓани.

- И јас, како министер за надворешни работи на Република Македонија, имам за цел да придонесам кон тоа преку интензивна меѓународна соработка, размена на искуства со останатите земји членки на ОН и со залагање никој да не биде изоставен, рече Димитров.

Во препораките за спроведување на глобалната агенда за остварување на целите одржлив развој на ОН се наведува и дека во текот на минатата недела, онлајн кампањата со наслов #ИЈасИмамЦел инспирирала стотици граѓани да споделат што прават за да помогнат да се постигне нивната омилена развојна цел. Ваквиот ентузијазам, се додава, потврдува дека дури и најмалите промени во нашите животни стилови можат да му помогнат на целиот свет да се доближи до визијата на Обединетите нации за поправеден, побезбеден и почист свет.