Македонија
20. October 2017 - 14:33

Одбележан Денот на баталјонот за врски при АРМ

Со воена свеченост, дефиле на единиците и презентација на опремата денеска беше одбележан Денот на баталјонот за врски при АРМ.

Командантот на Здружената оперативна команда генерал Зоран Милевски пред војниците потсети дека со одлука на врховниот командант претседателот на Република Македонија баталјонот за врски го слави денот кога во 1943 година е формирано Одделението за врски при Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.

- Денес баталјонот за врски обезбедува комуникациска и информатичка поддршка на командите и единиците на АРМ на стратегиско и оперативно рамниште, како и непречено и ефикасно функционирање на системот за командување и контрола во Армијата, истакна Милевски.

Нагласи дека припадниците на баталјонот за врски се високообучени професионалци и дека исклучително одговорно ја извршуваат својата задача во сложени просторни услови, но и со ограничени материјални ресурси. Потенцира дека ефектите од нивната работа ги чувствуваат сите припадници на АРМ.

Командантот на баталјонот за врски потполковник Маријан Миленковски појасни дека баталјонот за врски е исклучително важна компонента од армиската формација каде согласно мисијата ги поставува, одржува и реализира стационарните и мобилните врски.

- Кога зборуваме за комуникациски технологии, информатички теркови и заштитен пренос на податоци, вистински предизвик е да се следи чекорот на иновациите во секое поле и да се применат во пракса НАТО-оперативни процедури и комуникациски стандарди, истакна Миленковски.

Нагласи дека баталјонот работи на нови интегрирани системи за врски со чие поставување се обезбедува максимална комоција за следење и командување со единиците од страна на командантот на ЗОК, Генералштабот на Армијата, а по потреба и асистенција за потребите од комуникации на врховниот командант.

Баталјонот за врски обезбедува комуникациско-информатичка поддршка за команда и контрола на стратегиско и оперативно ниво. Со стационарен и мобилен дел обезбедува поврзување помеѓу командите и единиците. Во случај на природни и други несреќи обезбедува непрекината работа на комуникацискиот и информацискиот систем (КИС).