Македонија
22. December 2021 - 16:33

Од запален автомобил изгореа бараките на Ј.П. „Улици и патишта“ и возилото на обвинителот Бубевски

Еден часот и 15 минути по полноќ донесе вознемиреност кај станарите на улица “Стефан Јакимов Дедов”. Голем пожар ги зафати бараките на државното претпријатие “Улици и патишта” позади трговскиот центар Буњаковец.

Повредени нема, а огнот кој зафатил 380 квадратни метри работни простории ја уништил документацијата на претпријатието, архивата и финансиските извештаи.    

“Најнеопходните административни работи се извршуваат во отежнати услови. Во моментов превземаме мерки да обезбедиме просторно решение за нормално функционирање на претпријатието”, велат од претпријатието.

На тесната улица огнот го гаснеле шест возила и 19 пожарникари.

“И 10 часа по пожарот се уште се гледа чад од изгорената барака на улици и патишта”

Пожарот се раширил од возило кое е во сопственост на еден од жителите од соседната зграда.

Настрада и приватниот автомобил на обвинителот Гаврил Бубевски.

“Не мислам дека јас сум некаква мета на напад, верувам дека моето возило е колатерална штета во пожарот”, рече обвинителот во разговор за Сител.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, искажаа сомневање дека синоќешниот пожар во бараките “Улици и патишта” е намерно подметнат. Ова е четврти пат да зафаќа државна институција, велат од партијата.

Инаку инцидент со опожарен автомобил вчера имаше и претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков, чие приватно возило се запалило во движење на кај обиколницата Визбегово кон Скопје Север. Тој и патниците не се поврдени, а во разговор за Сител рече дека чул експлозија во моторот, по што за три минути изгорел целиот автомобил.