Македонија
17. December 2020 - 15:48

Од утре во сила новите мерки, рестораните ќе работат до 18 часот, забранети се прослави, собири и групирања

Од утре стапува на сила новиот пакет на рестриктивни мерки кои ги усвои Владата на предлог на Комисијата за заразни болести. Новиот пакет мерки, кој ќе важи до 21 јануари, има за цел да избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид – 19 во престојниот период на празници, соопшти Министерството за здравство.

Со новите мерки е предвидена реорганизација на работното време на угостителите и тие од утре ќе затвараат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега. На сила останува забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.

Забрането е групирање по плоштади за пречек и прослава на Новата година, како и секаков вид собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забраната за собири на отворено и ограничен број посетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување на верските празници кои следат, стои во соопштението.

– Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за празниците. Да празнуваме одговорно заради сите нас, порача министерот за здравство Венко Филипче.