Македонија
19. October 2021 - 16:38

Од утре скрининг во училиштата

Тестирањето на децата за Ковид почнува утре. Први со скринингот ќе бидат опфатени 258 ученици во 9 средни училишта. Едно од нив е медицинското „Панче Караѓозов“, каде брис ќе им биде земен на 95 ученици. За сите е обезбедена согласност вели директорката, но имале и случаи родители да не дозволуваат нивните деца да бидат тестирани.

- Да за сите 95 деца има согласност, малку беа случаи каде родителите не дадоа согласност најчесто поради здравствени проблеми или децата веќе прележале, изјави Маја Салиу, директор на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Од Министерството за образование не добивме конкретен одговор колку родители не дале согласнот нивните деца да бидат тестирани, од таму велат дека имале методологија скринингот успешно да се спроверде.

Тестирањето на учениците со брзи тестови ќе го прават вработени во Центрите за јавно здравје во посебна просторија одредена од училиштето и ќе трае 1 минута.

- Истото е  безбедно и безболно со земање на брис од грло и од носна шуплина. Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата, се наведува во соопштението од здравство.

Доколку некое дете излезе позитивно дополнително ќе му биде направен ПЦР тест.

Со скринингот треба да бидат опфатени вкупно 8178 ученици во  109 средни и 364 основни училишта во сите градови. Основците ќе бидат тестирани наредните денови.