Македонија
11. March 2016 - 19:08

Од утре Македонија под нов влажен бран

Македонија од утре попладне ќе потпадне под влијание на нов влажен бран што ќе предизвика врнежи од дожд кои во централните делови ќе достигнат до 35 литри на метар квадратен. Врнежи со помал интензитет ќе има само во крајниот северозапад од земјава, најави денеска директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Оливер Ромевски. 

- Под влијание на нов влажен бран кој доаѓа од југот подрачјето на Република Македонија од утре ќе биде под интензивни метереолошки влијанија што ќе предизвикаат врнежи од дожд кои ќе почнат попладне и ќе траат во текот на ноќта кога ќе им се појача интензитетот. Обилни врнежи ќе има и в недела во текот на целиот ден, а во понеделник ќе престануваат, изјави Ромевски по денешната средба на Координативното тело за справување со кризи, нагласувајќи дека интензитетот на врнежите ќе биде над 35 литри на метар квадратен што укажува дека се можни поплави.

Тоа, како што кажа, ќе предизвика влошување на хидролошката состојба посебно на реките Брегалница, Пчиња и Струмица.

- Посебни проблеми со водотекот ќе имаат Пчиња и Брегалница зашто во нив доаѓаат сериозни води кои се вливаат од Република Србија. Треба да се внимава и на долниот слив на реката Вардар и на Црна која има сериозен потенцијал за локални излевања. Во моментов постои опасност од прелевање на  браната Калиманци од каде водата се испушта за да може да се сихронизира со новиот прилив што се очекува од врнежите што ќе почнат после 24 часа, рече Ромевски.

Тој прецизира дека покрај Македонија, и целиот Балкански полуостров ќе биде зафатен од сериозен нов влажен бран. 

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи посочи дека веќе има одредени проблеми во Македонија, но како што потенцира нема простор за паника.

- Иако нивото на сите акумулации и водотеци е зголемено, сепак тие имаат капацитет да ја примат надојдената вода која би се јавила како резултат на новите врнежи дожд. Во моментов Координативното тело за справување со кризни ситуации во одлучува за преземање дополнителни мерки  и активности за намалување на ризиците од излевање на реките, изјави Вчкова.

Од страна на Центарот за управување со кризи, посочи, активно се следи состојбата.

- Веќе испративме препораки и апели до градоначалниците да ги стават на готовс своите ресурси и капацитети, бидејќи според Законот општините први треба да реагираат на евентуални поплави. ЦУК само укажува на одредени мерки и активности што треба да ги преземат, а доколку има потреба, треба да побараат помош и од државните институции, рече Вчкова и потсети дека граѓаните може да пријавуваат поплави на бесплатниот телефонски број 195.