Свет
27. September 2017 - 19:04

Од Трамп зависи дали ќе се дознаат тајните за убиството на Џон Кенеди

Американскиот Национален архив следниот месец би требало да обелодени илјадници тајни владини досиеја кои се однесуваат на убиството на Џон Ф. Кенеди во 1963 година, а дали ќе се случи тоа зависи од претседателот на САД, Доналд Трамп.  

Архивот има рок тоа да го направи најдоцна до 26 октомври, доколку Трамп не интервенира.

Станува збор за повеќе од 3.000 се уште тајни и досега неизнесени пред јавноста документи, како и 30.000 кои се претходно објавувани, но одделни делови биле цензурирани.

Тоа се повеќето документи на Федералното истражно биро (ФБИ) и Централната разузнавачка агенција (ЦИА), кои не сакале да се изјаснат дали на некаков начин барале од Трамп тие и понатаму да останат тајна.

Според законот од 1992 година, документите за смртта на Кенеди, настан кој во модерната американска историја покрена многу теории на заговор, мора целосно да станат јавни до 26 октомври, поточно на 25-годишнината од донесувањето на тој закон.

Меѓутоа, Трамп може да одлучи тоа да не се случи доколку процени дека обелоденувањето на документите може да им причини штета на разузнавачката служба, полицијата, воените операции или односите со други земји.

- Американската јавност заслужува да ги знае фактите или најмалку што може е да дознае што криеле властите сите овие години, смета директорот на Центарот за политика при Универзитетот во Вирџинија, Лери Сабато, кој е автор на книгата за Кенеди.

Судијата Џон Тенхејм, кој во 90-те години претседавал со независна агенција која обелодени многу документи за убиства и одлучувала колку други акти треба да останат во тајност, смета дека документите за убиството на Кенеди не содржат „некои големи откритија“.

Сабато верува дека тајните документи барем делумно можат да ги расветлат случувањата во врска со патувањето на Ли Харви Освалд, убиецот на Кенеди, во Мексико Сити само неколку недели пред атентатот, при што ги посетил советската и кубанската амбасада.

И покрај многубројните теории на заговор, комисијата, предводена од претседателот на Врховниот суд, Ерл Ворен, во 1964 година заклучила дека Освалд дејствувал сам.

Националниот архив во јули на својата интернет страница објави над 440 тогаш тајни документи за убиства и уште илјадници други, делумно цензурирани.

Меѓу нив се наоѓало и едно досие на ЦИА од 1975 година, кое го покренува прашањето дали текстот во еден медиум, во кој се цитира Фидел Кастро дека „американските лидери би биле во опасност доколку помогнат каков било обид за ликвидирање на кубанските лидери“, го мотивирал Освалд да го убие Кенеди.

Сабато се сомнева дека некои клучни документи можеби биле уништени пред 1992 година.

Џон Кенеди, роден на 29 мај 1917 година, беше 35-от и најмлад претседател на САД од 1961 до 1963 година како член на Демократската партија. Тој е убиен на 46-годишна возраст на 22 ноември 1963 година во Далас.