Македонија
8. March 2021 - 16:56

Од среда вакцинација во старските домови со вакцината Спутник

Сеуште не се знае кој прв в среда ќе ја прими руската вакцина “Спутник В”. Министерот за здравство рече дека Комитетот за имунизација во текот на денот ќе излезе со дефинитивен став дали први да се вакцинираат граѓаните сместени во старските домовите или кадарот кој се грижи за нив.

-Веројатно ќе бидат постарите лица, тимот кој работи на проучување на упатството во текот на денот треба да каже дали да се почне со старите лица сместени во домовите или со дел од кадарот кој работи во домовите, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во меѓувреме се чека Агенцијата за лекови да даде дозвола за пуштање во промет на Руската вакцина “Спутник В” во Македонија за в среда да може да почне имунизацијата со првите 3000 дози.

Од МАЛМЕД велат дека ги добиле сите потребни документи и ја почнале неопходната процедура. Најавија дека одобрението ќе го издадат до утре. 

Досега со вакцината на Фајзер од Србија се вакцинирале 3546 здравствени работници, а дози има за уште 500-тини. Според информациите на Сител во Агенцијата за лекови било пријавени дека 4 медицински лица по вакцинирањето пријавиле благи несакани реакции, покачена температура, црвенило и болка на местото на апликацијата.

Инаку интерес за вакцинација досега пројавиле над 128.000 граѓани, 61.000 од нив се лица постари од 70 години. Нив матичните лекари треба да ги информираат кога и и во кој пункт треба да дојдат за да ја примат вакцината.