Македонија
19. јуни 2017 - 15:01

Од среда почнува „Битола Шекспир фестивал“

Со музичко-сценски колаж насловен како „Шекспир колаж“ во продукција на Народниот театар од Битола во среда свечено ќе биде отворен 5. Интернационален „Битола Шекспир фестивал“ кој годинава ќе трае до 1 јули.

Со оваа културна манифестација започнуваат активностите кои ќе се одвиваат во рамки на културното лето „Битфест 2017“.

За време на 12-те фестивалски денови предвидени се гостувања на шест реномирани театарски куќи од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и САД кои ќе презентираат различни видувања на творештвото на Вилијам Шекспир. Со дела од англискиот драматург ќе се претстават и шест театарски куќи од Република Македонија.

На 23 јуни гостува драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија, кој ќе ја изведе претставата „Симбелин“ во режија на бугарската режисерка Лили Абаџиева. Од гостувањата на странските театарски куќи, на 25 јуни предвидена е изведба на монодрамата по мотиви од трагедијата „Хамлет“ и претставата „Сонот на Хамлет“ на Академскиот драмски театар, Владимир од Русија. Претставата е во режија на Линас Мариус Заикаускас, а во неа учествува актерот Александар Аладишев. За одбележување е и изведбата на претставата „Хамлет – стапица“ во режија на Куандик Касимов, а во изведба на Казак Драмски театар од Караганди, Казахстан.

На 28 јуни, Куклениот театар Тандарика од Букурешт, Романија, ќе ја изведе претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Кристијан Пепино. Истата вечер, пред битолската јавност ќе биде презентирана и претставата „Ричард Трети“ во режија на Џон Блондел, во изведба на театарската компанија Лит Мун од Санта Барбара, Калифорнија.

Со поддршка на Советот на уметници на Словачка, на 29 јуни, театарот Контра, Спишка Нова Вес од Словачка ќе ја изведе монодрамата по мотиви од трагедијата „Магбет“ на Шекспир, во режија, адаптација и дизајн на Клаудина Розин.

Ќе бидат изведени и пет претстави на македонските театри кои го негуваат творештвото на Шекспир и тоа Турскиот театар ќе се претстави со претставата Отело во режија на Дејан Пројковски, Драмскиот театар ќе гостува со „Венецијанскиот трговец“ во режија на Наташа Поплавска, Театарот од Штип ќе ја изведе претставата „Ричард Трети“ во режија на Пламен Марков и Театарот од Струмица ќе ја изведе претставата „Дванаесетта ноќ“ (Ноќ спроти Водици) во режија на Дејан Дамјановски.

Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Сон на летната ноќ“ на Театарот Комедија од Скопје, во режија на Андреј Цветановски.

На „Битола Шекспир фестивалот“ изминатите четири години беа изведени над 35 претстави на националните ансамбли од 15 земји од светот. Започнувајќи од 2013 година, Битола беше домаќин на театарски куќи од Кина, Израел, Мексико, Турција, Србија, како и на Глоуб театарот од Лондон, кој на локалитетот „Хераклеа“ настапи со претставата „Хамлет“.  

Фестивалот е дел од мрежата на европската асоцијација на Шекспир фестивали во која членуваат земји кои го негуваат вербалното и сценското богатство на Шекспир.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и општина Битола.