Македонија
24. December 2018 - 17:01

Од следната година на Клиниката за ортопедија нема да се чека по шест месеци за вештачки колкови и зглобови

Пациенти чекаат и повеќе од половина година за вградување на вештачки колк и зглоб. Годинава на Ортопедија направиле 500тини вакви интервенции. За 2019 година најавуваат дека оваа бројка двојно ќе ја зголемат а листата на чекање ќе ја преполоват. Ортопедските хирурзи по новогодишните празници ќе оперираат во нови и реновирани сали а добиле и поголем буџет за импланти.

-Планот на Клиниката е годишно да с еправат од 700 до 900 вакви интервенции, но оваа година таа бројка беше намалена бидејќи имавме градежни активности на ортопедија се реновираа операционите сали. Меѓутоа добра вест е што во 2019 влегуваме во комплетно нови и реновирани три операциони сали и таа бројка ќе биде дуплирана, вели др. Виктор Камнар, раководител на Клиника за Ортопедија.

Хирурзите велат дека не постои возрасна категорија на пациенти кај кои не можат да бидат правени вакви интервенции. На Ортопедија вградувале вештачки колк и колено кај 17 годишни, а имале и операции кај лица постари од 90 години.

-Нема граница, сите возрасти се опфатени а постојат бројни индикации зошто завршуваат кај нас, начинот на живот, стресната состојба и секако живот без болка, бидејќи кај тие случаи е неопходна хируршка интервенција, вели др. Камнар.

На Ортопедија има доволно лекари за да нема застој во дијагностиката и хируршкиот дел. Но им фалат медицински сестри и болничари, што е проблем во речиси ситер јавни здравствени установи.