Бизнис
15. December 2017 - 20:11

Од следната година граѓаните ќе ги пријавуваат парите кои ги добиле преку услугата брз трансфер

Ќе се пријавуваат парите кои граѓаните ги примаат преку услугата брз трансфер. Министертсвто за финансии преку ЕНЕР објави дека најдоцна до средината на идниот месец ќе биде готов предлог законот кој ќе ги обврзе давателите на услуги брз трансфер на пари како и субагентите  овие приходи на граѓаните да ги пријавуваат во УЈП.

„Управата за јавни приходи не располага со податоци за добиени приходи на граѓаните преку услугата брз трансфер на пари бидејќи давателите на услуга немаат обврска да доставуваат податоци за трансакциите на брз трансфер на пари до Управата за јавни приходи“, пишува во образложението на предлог-законските измени, објавени на ЕНЕР.

Давателите на услуга брз трансфер на пари ќе треба да доставуваат месечни извештаи за поединечните трансакции на трансфер на пари, покрај до Народната банка и до Управата за јавни приходи. На тој начин, УЈП ќе располага со податоци за добиени приходи на граѓаните преку оваа услуга.

Измените се правдаат со проектот за поедноставување на процедурите за плаќање и пријавување персоналец. Податоците за брз трансфер на пари ќе се користат УЈП точно да ја пополнува претпријавата која потоа граѓанинот ќе треба да ја провери.

Парите кои граѓаните ги добиваат од своите роднини во странство како помош или подаок, нема да се даночат, тврдат од финансии, но немаат одговор на прашањето дали овие пари ќе бидат пречка за остварување други права, на пример социјална помош.