Бизнис
18. March 2019 - 19:34

Од повратот на ДДВ богатите ќе вратат 400 евра, сиромашните само 12 евра годишно

Најбогатите семејства ќе имаат најголем ќар од мерката поврат на 15% од платениот данок на додадена вредност. Тие што годишно трошат по 20.000 евра ќе успеат да вратат нешто помалку од просечната плата, односно 22.238 денари, покажува анализата на Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк. Според нивните пресметки, најсиромашните ќе добијат назад само 738 денари.

Средната класа во земјава преку повратот на ДДВ ќе добие меѓу 50 и 100 евра годишно.

Од Министерството за финансии велат дека сите детали ќе ги објават по  изборите, но уверуваат  дека се подготвени за спроведување на мерката.

“Според програмата на Владата предвиден е поврат на 15% од платениот ДДВ за граѓаните. Во тек се подготовките и мерката, како што беше најавено, ќе почне во јули годинава.
Мерката има 2 главни цели: првата е поврат на средства кај граѓаните кои одговорно го плаќаат данокот на додадена вредност, додека втората е намалување на даночното затајување.
Односно на граѓаните откако ќе побараат фискална сметка и ќе ја внесат во системот за истата ќе им биде пресметан поврат на 15% од платениот ДДВ.
Министерството за финансии ќе излезе со сите детали и анализи за повратот на ДДВ навремено, како и за секоја мерка досега”, пишува во соопштението од Министерството за финансии.

Неодамна премиерот Заев најави дека секое лице со важечка лична карта ќе може да врши поврат на ДДВ преку телефон.

Оваа мерка беше предизборно ветување на сегашната Влада. Тогаш Заев изјави дека повратот на 15% ДДВ ќе обезбеди годишно 30.000 денари, уште една плата повеќе во секое семејство.