Македонија
6. October 2020 - 16:42

Од понеделник патување без ПЦР во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора

Владата ги отвори границите. Од понеделник движењето преку границите на сите земји од поранешна Југославија кои останаа надвор од Европската Унија. Без никаков тест ќе може да се влезе во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Информацијата на социјалните мрежи ја објави премиерот Заев.

Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.

Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од КОВИД-19. – напиша Премиерот Зоран Заев.

Македонија на крајот на август воведе задолжителен тест за сите косовски државјани кои транзитираат низ земјава откако од Скопје неколку авиони полни со патници од Косово позитивни на Ковид слетаа на аеродромот во финскиот град Турку по што Финска ги суспендираше сите летови од Македонија.

Инаку без тест цело лето се патува и во Албанија и Турција. Од останатите соседи во Бугарија може да се влезе само со тест не постар од 72 часа, а во Грција, влезот за македонски државјани воопшто не е дозволен барем до 12 октомври кога грчката влада повторно ќе одлучува. Во останатите земји од поранешна Југославија, Хрватска и Словенија дозволуваат влез со ПЦР тест.

Според последната статистика, Македонија има најмногу инфицирани граѓани на еден милион жители и најголема стапка на морталитет меѓу сите балкански земји. Од почетокот на кризата во земјава се инфицирале над 9.000 луѓе на милион жители. Зад нас е Босна по што следат Албанија и Хрватска додека најдобра е сликата во Грција каде бројот на позитивни е повеќе од 4 пати помал од оној во Македонија.