Македонија
27. July 2016 - 11:42

Од почетокот на јули 27 пожари во кочанско

Од почетокот на јули до денеска се во Кочани и околината се регистрирани 27 пожари од кои  21 биле на отворен простор, информираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во градот.

Опасноста од појава на пожари значително е зголемена во текот на летниот период, а, како што посочуваат од ТППЕ, луѓето се главниот фактор за предизвикување на пожари. Надлежните од општина Кочани и ТППЕ во неколку наврати апелираа до граѓаните за поголемо внимание, најмногу до земјоделците кои ги палат  стрништата.

- Во најголем број од случаите се работи за опожарување на стрништа и на сува вегетација. Од почетокот на годината досега се регистрирани 96 интервенции од страна на кочанските пожарникари, изјави Дејанчо Арсов, командир на кочанската територијална единица.

Кочанските пожарникари  ја  покриваат и територијата  на општините Чешиново Облешево и Зрновци, и според изјавата на Арсов, и во овие општини се бележи зголемен број на интервенции.

Во Чешиново Облешево се регистрирани 10 пожари на отворено овој месец при што е зафатена опожарена површина од 25 ха. Со најголем обем биле пожарите во селото Теранци, како и оној помеѓу селата Бање и Спанчево, каде што е опожарена површина од 12 ха.

Според Арсов, голем број од пожарите се предизвикани поради палење на стрништата и вегетацијата, но и поради неисправност на механизацијата.