Македонија
22. September 2019 - 16:46

Од октомври штитениците на Заводот ,,Бања Банско‘‘ започнуваат самостоен живот

Дел од штитениците во заводот во Бања Банско наскоро започнуваат самостоен живот.  На почетокот од октомври се очекува првата група да ја напушти институцијата и да се преселат во еден од четирите станови што ги обезбеди државата.

Една од нив е и Роза Мојсовска која на јавноста и е позната по тоа што нејзините дела ги слика со уста. Таа во Банско пристигнала 1976 година кога имала само девет години. За прв пат ќе започне самостоен живот, вели  дека е подготвена.

,,Не верував дека тоа ќе се случи и не верував затоа што за посебни потреби како што сум јас многу е тешко да се најдат услови. На пример јас имам свој стан каде што ќе можам да живеам, исто така имам и атеље каде што ќе можам и да творам,  да цртам и многу ќе ми биде подобро што ете во градот ќе живеам и кај што ќе можам да ги изложувам моите дела“, вели Роза Мојсовска.

Становите во кои ќе живеат овие лица се комплетно опремени. Поддршка ќе добиваат од персоналните асистенти, но и нега од сите надлежни институции.

Заводот во Банско не е единствената институција во која се прави процесот на трансформација. Тој веќе интензивно тече, а две од вкупно четири институции кои згрижуваат деца , односно 11 Октомври  и 25 ти мај Скопје  се целосно трансформирани.

,, Она што е планот на министерството за труд е до крајот на 2019 да нема веќе деца во ни една институција во оваа држава, значи деца до 18 години. Сметаме дека овој план е реален, а за понатаму, следната година да ги трансформираме и сите останати институции кои што во моментов згрижуваат лица со попреченост“, вели  Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика.

Откако започна трансформацијата на овие институции  66 лица веќе ги имаат напуштено институциите и живеат самостојно. Според стратегијата на министерството овој процес треба да трае 10 години, но тенденцијата е да заврши за околу две.