Балкан
7. April 2020 - 18:25

Од Ковид-19 во Грција веќе има 81 жртва, заразени вкупно 1.832 граѓани

Уште две лица во Грција починаа од Ковид-19, а бројот на жртви се зголеми на 81, додека пак во изминатите 24 часа биле регистрирани 77 нови случаи, односно од почетокот на епидемијата вкупно 1.832 се заразени со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во земјата се анализирани 28.584 примероци, а од потврдените позитивни случаи  55 отсто се мажи.

Во грчките болници, 90 лица се лекуваат приклучени на апарати, а од починатите 23 се жени и 58 мажи на просечна возраст од 74 години.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, ги соопшти податоците околу лицата што биле или се во карантин, и кажа дека досега 23.356 граѓани кои или се вратиле од странство или се блиски контакти биле ставени во 14-дневен карантин.

-Во овој момент во карантин се 6.645 кои се вратени од странство и 1.059 биле во близок контакт со потврдени случаи. Би сакал, исто така, да ве информирам дека до денеска, репатрирани се 2.062 наши сограѓани, рече Хардаљас.

На денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, кој воедно ги соопштува и последните податоци за Ковид-19 во земјата и заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас се осврнаа и на превентивните мерки и забраната за движење за кои рекоа дека не е лесно да се олабават и тоа сигурно нема да се случи пред 27 април, до кога и официјално се во сила.

-Тргањето на мерките не е лесно. Тоа е маратон, не е спринт. Различни земји се во различни фази од епидемијата, рече Циодрас и додаде дека е потребна рамнотежа меѓу мерките и социјалните и економските последици, а главната цел е заштитата на здравјето.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција истакна дека сè уште треба време, а граѓаните да не очекуваат дека ќе се разбудат едно утро и сè ќе биде како претходно, бидејќи дополнително ќе се одреди ритамот и начинот на олабавување на мерките.

-Сакам уште еднаш да потсетам дека уште ништо не се знае. Сакам да го истакнам ова, бидејќи гледаме дека се развива дискусија за олабавување на мерките. Сфаќам дека постои потреба да видиме кога ќе заврши ова, но треба да биде јасно дека не сме стигнати дотаму. До 27 април целосно се во сила мерките за ограничување, без апсолутно никакво олабавување. Понатаму, под услов дека сè ќе биде во ред, ќе започне дискусија за тоа кога и со кој ритам ќе постои било какво олабавување, рече Хардаљас.