Балкан
1. February 2016 - 18:40

Од идниот месец почнува продажба на марихуана во хрватските аптеки

Од следниот месец во аптеките во Хрватска ќе почне продажбата на медицинска марихуана, која ќе може да се набави само со лекарски рецепт, објави Инекс.хр.

Според порталот, иако употребата на марихуаната за медицински цели во Хрватска беше легализирана уште во октомври минатата година, продажбата на капсулите со масло од канабис се уште не е почната, аптеките не добиле службен допис да почнат да го набавуваат лекот, а не е утврдена ниту неговата цена.

- Засега се уште немаме никакви информации. Официјално немаме добиено никаков допис, а не ни е позната ни цената на тој производ, изјави за Индекс извор во претпријатието „Загребски аптеки“. 

Според непотврдени информации, цената на медициснкиот канабис во хрватските аптеки ќе изнесува над 1.500 куни (околу 200 евра).

- Во странство во зависност од концентрацијата, цената за три шишенца со екстракт (од канабис) се движи меѓу 500 и 700 евра, наведува порталот.

Согласно хрватскиот закон, лекарите не ќе можат да препишуваат марихуана за медицински цели на зависници од дрога и на лица со психички заболувања.