Свет
12. јуни 2019 - 21:27

Од Франција депортирани 50 албански државјани

На меѓународниот аеродром во Тирана, со посебен авионски лет француските власти депортираа 50 албански државјани.

Реадмисијата е спроведена во соработка меѓу полициите на двете земји, а станува збор за семејства со мали деца на кои им е отфрлено барањето за азил.

Заменик-министерката за внатрешни работи, Ровена Вода, која беше на аеродромот при нивното пристигнување, истакна дека секој обид да се побара азил е залуден затоа што Албанија се наоѓа на листата на безбедни земји.

– Нашата земја е оценета како безбедна. Поради тоа апелирам до сите наши граѓани да не преземаат ниту чекор во оваа насока, туку да побараат правни начини за да бидат вработени во земјите на ЕУ, порача Вода.

Директорот на Одделот за граница и миграција при Државната полиција, Едуарт Меркај истакна дека во изминатите пет месеци бројот на летови со депортирани албански граѓани се зголемил не само со Франција, туку и со многу други земји на ЕУ.

Според албанските власти, во просек годишно во некоја од земјите членки на ЕУ, најмногу во Франција и Германија, за азил аплицираат по околу 20.000 албански граѓани.