Балкан
1. August 2020 - 15:21

Од денеска задолжителна маска во сите затворени простори во Грција и на Кипар

Зголемениот број нови случаи на Ковид-19, како во Грција, така и на Кипар донесе и нови превентивни мерки, меѓу кои и задолжителното носење маска во затворени простори, а во спротивно, предвидени се казни, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако вчера во Грција беа регистрирани 78 нови случаи, најголем број во изминатите пет дена и поради појавите на опуштеност и непочитување на превентивните мерки, грчката Влада, презема дополнителни мерки, кои вчера ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, а дел од нив денеска стапија во сила.

До 31 август задолжително е носењето маска во сите затворени простори, вклучувајќи ги и црквите, а за прекршувањето, предвидена е казна од 150 евра. Додека пак постои силна препорака, до 15 август, да се користи и на отворен простор доколку е невозможно одржувањето растојание.

Откако беше соопштено дека маската е задолжителна, голем дел од министрите во грчката Влада, како и премиерот Кирјакос Мицотакис, на социјалните мрежи ги променија нивните профилни фотографии, заменувајќи ги со нови, на кои носат маска.

 

Дополнително, до крајот на месецов се забранува организирање на традиционалните фестивали со жива музика т.н. панаѓури.

Од денеска, во следните две седмици се откажуваат сите посети во центрите за нега на стари лица, како што се старечките домови, во центрите за бездомници и бегалци, како и во болниците.

Дел од мерките ќе стапат во сила во понеделник, како што е онаа за ограничување на 100 лица на бројот на гостите на свадбите, крштенките и погребите, а откако едемиолозите во Грција, во изминатиот период изразуваа особена загриженост за ситуацијата во ноќните клубови, во баровите и слично, каде што на забавите не се почитуваа мерките за одржување растојание, па така, до 9 август, забрането е стоење во кафулињата и ноќните клубови.

Зголемен број на новозаразени со Ковид-19 има и на Кипар, вчера беа соопштени 25 случаи, бројка што е особено висока, со оглед на тоа дека во изминатиот период, дневните случаи се движеа од нула до шест.

Кипарскиот министер за здравство Константинос Јоану соопшти нови дополнителни мерки, меѓу кои и задолжително носење маска во сите затворени простори, а предвидена е казна од 300 евра за непочитувањето на мерката, како и зголемување од 600 на 1.000 на тестирањата по случаен избор на аеродромите со акцентот ставен на кипарските државјани кои се враќаат од одмор во странство.

Ново на Сител