Македонија
1. July 2020 - 18:55

Од денеска времен режим на сообраќај на тешки товарни возила за викенд и денови со екстремно високи температури

Од денеска започна со примена времениот режим на сообраќај во летниот период од 01.07 до 31.08 на државните патишта во Република Македонија со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Од АМСМ соопштија дека забраната за тешки товарни возила е за во петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 – 18:00 часот и недела од 09:00 – 22:00 часот.

Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување  проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.

Од денеска започна со примена времениот режим на сообраќај во летниот период од 01.07 до 01.09 на магистрален пат А2 делница Скопје – Охрид – Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите.

Временските интервали се петок од 15:00 – 22:00 часот, сабота од 07:00 – 12:00 и 18:00 – 24:00 часот и недела од 07:00 – 22:00 часот.

Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.