Македонија
16. September 2019 - 8:49

Од денеска во Битола се наплаќа на сите јавни градски паркинзи

Јавното претпријатие за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во Oпштина Битола информира дека од денеска почнува со наплата на паркинг услугите на зонското паркирање во сите зони, како и на затворените паркинг простори во градот.

Од претпријатието посочуваат дека возачите непречено ќе користат паркинг простор со плаќање преку СМС порака, со купување на билет за паркирање или со поднесување на барање за добивање на повластена паркинг карта.

Цената на паркинг услугата во зона-А изнесува 30 денари за паркирање за период од 2 часа, а секој дополнителен час ќе се наплаќа по 25 денари. Во зона-Б ќе се наплаќаат по 20 денари за паркирање од два часа и дополнителни 20 денари за секој нареден час, додека во зона-Ц паркирањето ќе чини по 30 денари паркирање за цел ден.

Наплатата на паркинг услугите од денес се врши во терминот од 07 до 21 часот, од понеделник до сабота, додека во недела и државни празници нема да се наплаќа услуга за паркирање на подрачјето на Општина Битола.