Македонија
9. July 2020 - 19:46

Од денеска влез во Македонија само со ПЦР тест од Србија, Црна Гора, Босна и Косово

Македонските државјани кои доаѓаат од Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина на граница немаат обврска да покажат негативен ПЦР тест. Мерката се однесува само на државјани од тие четири земји, кои за влез во земјава мора да имаат негативен ПЦР тест, направен најмногу 72 часа претходно. Покрај тоа, мора да приложат и изјава со лични податоци и информации за местото каде ќе престојуваат, како и временскиот период на престојот. Ваквата одлука беше усвоена на синоќешната владина седница, а стапи во сила ноќеска по полноќ.

Со цел превенција и минимизирање на ризиците од ширење на вирусот Ковид-19, Владата го прифати предлогот од Комисијата за заразни болести.

„Тоа е национална политика. Ние ова го правиме за да ги заштитиме нашите граѓани. Нашата одлука беше врз основа на  медицински епидемиолошки податоци  со сознанија за ситуацијата  со епидемијата во овие земји. Така ја донесовме препораката. Голем процент од вкупно направениот голем број на тестови се позитивни, што значи дека вирусот во овие земји е широко раширен. Дополнително на тоа, се и информациите за преполнети болнички одделенија во повеќе градови”, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Доколку овие државјани само транзитираат низ Македонија, за нив не важи обврската за негативен ПЦР тест. Во таков случај тие имаат пет часа за да ја напуштат земјава. При тоа, не е дозволено да излезат од предвидената рута за двишење.