Македонија
30. September 2020 - 15:19

Од денеска се реконструира улицата „11 Октомври“ кај старата градска болница

Скопската улица „11 Октомври“, на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „Стив Наумов“, за 30 дена ќе биде реконструирана и ќе биде обновено булеварското зеленило.

– Денеска ја започнавме реконструкцијата на улицата, ќе работиме најинтензивно и јас очекувам овој потег што го работиме денеска до сабота да биде готов, во недела ќе направиме кратка пауза заради одвивање на Скопскиот маратон, а во недела попладне продолжуваме да работиме и моите очекувања се дека до крајот на следната недела, односно за помалку од 10 дена да ја завршиме реконструкцијата. Предвидена е целосна реконструкција на коловозот, тротоарите и велосипедските патеки по должина на целиот потег, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Дополнително на овој потег од 250 метри ќе биде обновено булеварското зеленило и ќе бидат заменети постојните рабници. Вредноста на проектот изнесува околу 27 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 30 дена. Минатата година во овој дел од градот беа реконструирани булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Павел Шатев“ кои се вкрстуваат со улицата „11 Октомври“.

Во делот на велосипедскиот сообраќај на овој булевар минатата година беа реконструирани и велосипедските патеки од Рампа до булеварот „Кочо Рацин“ на кој за прв пат беа поставени велосипедски ленти стеснувајќи го коловозот заради смирување на автомобилскиот сообраќај.

Дел од улиците кои започна да ги реконструира Градот во текот на оваа градежна сезона веќе влегуваат во фаза на поставување на хоризонтална патна сигнализација и набргу ќе бидат пуштени во употреба.

Градоначалникот Шилегов упати и апел до граѓаните да бидат трпеливи додека траат градежните работи и да ја почитуваат поставената сигнализација.