Македонија
5. May 2021 - 8:34

Од денеска полициски час од 23:00 до 05:00

 По препорака на Комисијата за заразни болести, поради стивнувањето на епидемијата во земјава, Владата донесе одлука наместо од 21:00 часот, полицискиот час од денеска да започнува од 23:00, а ќе трае до 05:00 часот.

На вчерашната седница Владата донесе одлука и за измена на работно време на угостителските објекти, односно од денеска тие ќе бидат отворени до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, на угостителските објекти, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.

Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата на седницата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви SARS-CoV-2.

Се уште остануваат во сила сите останати рестрикции со цел заштита на граѓаните од пандемијата од Ковид-19.

Од ЈСП соопштија дека од денеска јавниот превоз ќе сообраќа до 23:00 часот.

Ублажувањето на рестрикциите следува по неколкудневното стивнување на епидемијата. Намален е бројот на навозаболени, хоспитализирани и починати.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 26 април до 2 мај тестирани се вкупно 14.975 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,6 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.076 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 39,7 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=857; 41,5 отсто), со неделна инциденца – 138,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 211,0/100.000 е регистрирана во Виница.

Процентот на позитивност се движи од 9,6 отсто до 17,7 отсто, просечно 13,1 отсто со намалување за 4,9 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=781, 37,6 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години (n=349; 16,8 отсто), од 40 до 49 години (n=333; 16 отсто), од 30 до 39 години (n=323; 15,6 отсто) и од 20 до 29 години (n=172; 8,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=33; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=85; 4,1 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.012 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 34,5 отсто споредено со минатата недела.

Пријавени се 167 смртни случаи од 22 градови, што е за 20,9 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 150 лицa биле над 60 години, 15 лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице од возрасните групи од 30 до 39 години и од 40 до 49 години.

Според последните податоци, во земјава се активни 13169 случаи на заболени од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 152814 заразени со Ковид-19, оздравеа 134653, а починаа 4992 лица.