Македонија
1. September 2021 - 20:07

Од денеска не може да се излезе од Македонија без негативен ПЦР тест - гужви и нервоза на граничните премини

Колони со возила и на двете страни од границата, бавен проток и нервозни патници кои чекаат помеѓу еден до два часа. Ваква беше сликата на граничниот премин Богородица на првиот ден по стапувањето на сила на новите протоколи на граничните премини кои имаат за цел заштита од Ковид 19. Од денеска за влез но и за излез од државата патниците задолжително мора да поседуваат сертификат за примени две дози вакцини, потврда за прележан Ковид во последните 45 дена сметано од денот на оздарвувањето негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа.

Сите патници  кои не поседуваат ниту еден од потребните документи потпишуваат изјава за само изолација во траење од седм за македонските и пет дена за странските државјани. Патниците  кои само транзитираат, а ги немаат  пропишаните  документи потпишуваат изјава дека државата ќе ја напуштат во период од три до пет часа. Токму ваквата обемна процедура била причина и за бавниот проток.

За разлика од патничкиот, товарниот сообраќај се одвива по старите протоколи. Професионалните возачи границата може да ја минуваат без да поседуваат некој од новите документи.