Македонија
23. April 2020 - 17:02

Од денес задолжително покривање на носот и устата - казната 20 евра за физичко и 2.000 евра за правно лице

Граѓаните  кои ќе излезат да завршат обврски во јавни установи како, пошти, амбуланти, болници, маркети, банки  или се возат со јавен превоз задолжително ќе мора да носат маска - ова е новата мерка на владата која почнува да важи од денеска. Освен за затворени, правилото важи и за отворените простори каде не постои можност да се оддржува растојание од 2 метра како пазарите, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки. Освен со маска, лицето може да се заштити и со памучна марама или шал.

Оној кој нема да ја почитува мерката ќе треба да плати 20 евра казна. За фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема на своите вработени, пак, казната е 2 000 евра, а одговорното лице ќе треба да плати 500 евра.

Исклучок се оние лица што носат посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи, возат велосипед или спортуваат, патуваат во автомобил со лицата со кои живеат или седат во своите дворови или дом.

Мерките за лична заштита беа донесени истовремено со намалувањето на ограничувањето на движење на граѓаните. Со вчерашната одлука на Владата скратен е полицискиот час и секој работен ден ќе почнува од 19 часот и ќе трае до 5 наутро. Лицата над 67 години ќе можат да се движат до 12 на пладне, а децата под 18 години имаат право на движење од 13 до 19 часот. За викенд полицискиот час ќе почнува од 15 часот во сабота и ќе трае до 5 часот во понеделник.