Македонија
30. December 2018 - 16:28

Од Давос, преку Преспа,до Скопје и Атина - договорот за името клучен политички настан во Грција и во Македонија

Мислам дека нема да умрам без повторно да отидам во Вашата земја. Фасциниран од природните  убавини, задоволен од компромисот, со оптимистички поглед на иднината. Екс министерот за надворешни работи  на Грција во интервју за МИА вели дека дома спие мирно, но на улица му се закануваат со убиство.

Човекот чие име наполни илјадници страници во македонскиот медиумски простор во 2018, нема дилема дека уставните измени ќе поминат во македонскиот законодавен дом. За ратификацијата во грчкиот вели дека е оптимист но и дека таму работите не зависат од него.

Аналитичарите, новинарите но и политичарите се согласуваат, преговорите на Коѕијас и Димитров оставија најголем белег на регионалната политичка сцена во годината што измина.

А тие се почнаа уште во лани во Солун. Пред 15 месеци шефовите на двете дипломатии се договориле да се сменат имињата на автопатот и аеродромот во Скопје. Тогаш вели Коѕијас, станало јасно дека двете страни сакаат да најдат решение.

- Постоеше тогаш предлог, јас да составам еден почетен текст за кој се согласивме, потоа, во продолжение и Северна Македонија состави еден втор текст и одевме напред во преговорите. Ова беше точката за која во Давос требаше да се одлучи, односно дали ќе направиме компромис и кој ќе го подготви текстот, бидејќи и тоа е важно, не ОН, не трети сили, туку меѓу нас и двете држави“ – вели Коѕијас за МИА

Широките насмевки на премиерите и срдечно стиснатата рака по самитот во Давос на почетокот од годинава аналитичарите и медиумите ги примија како јасен сигнал дека двете земји одат кон договор.

Но патот не беше ни краток ни лесен. Од Њујорк преку Солун до Атина, од Софија преку Виена до Охрид. Илјадници километри и стотици часови на тркалезната маса се чини дека резултатот го дадоа на средбата во атинското одморалиште Сунио. Иако лицата на министрите но и медијаторот Нимиц тогаш не го покажуваа тоа.

На крајот се се сведе на телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас кој јавноста го исчекуваше неколку дена.

Црвената вратоврска  од вратот на Заев замина во колекцијата на Ципрас во Преспа. Прекрасниот дел на брегот на истоименото езеро беше најспоменуваниот топоним во македонските но и грчките медиуми оваа година. Потписот на двајцата министри се славеше меѓу политичарите и дипломатите, а противниците ги полнеа улиците

Македонската влада реши да го смени уставното име во Северна Македонија и за тоа реши да се консултира со граѓаните на референдум.

Резултатите беа под очекувањата на Владата во Скопје. Но 36% излезност не го поколебаа премиерот Заев, кој почна со промена на Уставот.
Најкритично беше на крајот од октомври. Тензичниот ден резултираше со двотретинско мнозинство за отворање на уставот и црвен картон од Мицкоски за 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Во моментов Македонија ја чека последната фаза, а тоа е конечната промена на Уставното име. За неа, Џафери во собранискиот роковник го заокружи 9 јануари. Премиерот е оптимист иако признава дека двотретинското мнозинство не се одржува лесно. За сврзен фактор власта посегна кон аменстија на обвинетите за 27 април и експресно ослободување од притвор на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, последниот чекор не зависи од Македонија, туку од нејзиниот сосед. Финализирањето на Договорот од Преспа му е доверено на грчкиот парламент кој штом Македонија го смени својот Устав ќе треба да изврши негова ратификација со што, според очекувањата на владата во Скопје И најавите од брисел ќе се отворат вратите за Македонија во НАТО.