Македонија
30. October 2015 - 11:16

Од 5 ноември јубилејно издание на „Анимакс Скопје фест“

Под мотото „Пет години движење“ од 5 до 8 ноември ќе се одржи 5. јубилејно издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“.

На фестивалот, кој ќе се одржува во киното Фросина во МКЦ и Кинотека на Македонија, ќе бидат прикажани 50 филмови, од кои седум ќе бидат наменети за детската публика.

За време на четирите фестивалски денови во официјална конкуренција ќе бидат прикажани 40 краткометражни филмови и седум филмови за деца. Тие се избрани од пријавените 427 анимации од 56 земји во светот, меѓу кои најголем број се од Франција, Хрватска, Шпанија, САД, Русија, Србија, Англија, Иран, Сингапур и др.

Новитет годинава е што ќе бидат прикажани и долгометражни анимирани остварувања во ревијалниот дел на програмата.

Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

Наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула ќе бидат доделени традиционално на последниот ден од фестивалот. Ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови.

Градоначалникот на Град Скопје ќе и додели Специјална плакета на авторката од Шпанија, аниматорката Диди Родан, која на последниот фестивалски ден ќе изведе перформанс во живо на тема „Гнездо за тебе“ со својата техника на анимирање со песок надополнета со изведба на шпанска поезија.

За време на фестивалот ќе се одржат и четири работилници во Кинотека на Македонија Кино Фросина и Агенција за филм на РМ.

Билетите за фестивалот чинат 100 денари и ќе може да се набават на влезот на кино Фросина, а проекциите на детската програма се бесплатни. Дел од проекциите за деца и придружната програма ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.

Организатор на фестивалот е продуцентската куќа Аурипигмент. фестивалот е организиран во соработка со Креативниот центар Тинтири-Минтири од Скопје и со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје.

„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Целта е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.