Македонија
30. јуни 2019 - 19:42

Од 30.000 вакцинирани, само кај 9 пријавени одредени компликации

Од јануари до јуни годинава за 11 деца биле пријавени компликации по примање на задолжителните вакцини. Дури 9 од нив биле поради МРП. Едно дете добило грчеви а друго зголемување на лимфните јазли. Останатите побарале помош во здравствените установи поради треска, зголемена температура, воспаление на средното уво, чешање, кашлица, повраќање  и дијареа. Во Агенцијата за лекови каде официјално ги регистрираат ваквите случаи, имало и по една реакција по боцкање со пето и шестовалентните вакцини. Од МАЛМЕД велат дека сите овие компликации се опишани  во упатствата на вакцините. Немаат пријава за смртен случај, ниту пак за дете со животозагрозувачка состојба по вакцинација. 17 несакани реакции биле евидентирани и минатата година. Надлежните имаат податок само за десет од нив од кои 6 деца биле хоспитализирани во болница поради компликациите а 4 ги третирале амбулантски. Според статистиката на епидемиолозите, овој број е за три пати помал од 2015 кога имало 46 пријави за несакани ефекти од вакцините.

Лекарите велат дека годинава е очекувано да има и пријави за реакции од МРП бидејќи од почетокот на 2019 е прогласена епидемија од морбили и во периодот досега оваа вакцина ја примиле над 30 000 лица. Во меѓувреме, поради мали сипаници во болница завршиле дури половина од заразените.

-Околу 15 проценти од заболените имале компликации од морбили а над 800 од случаите биле хоспитализирани во болница, вели Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ

Од декември 2018 досега од мали сипаници заболеле 1833 лица. Четири деца починаа поради компликациите од болеста. Имунизацијата против морбили е услов за запишување во градинка и училиште а е задолжителна и за сите здравствени работници.