Македонија
24. September 2018 - 13:27

Од 1 октомври „Комунална хигиена“ ќе го собира комуналниот отпад во општина Сарај

Од 1 октомври годинава Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје во своите редовни активности за собирање и транспортирање комунален отпад ќе го опфати и урбаниот дел на скопската општина Сарај, како и спортско-рекреативниот центар „Матка“. Се работи за површина од околу 18 илјади метри квадаратни во која спаѓаат и населените места Сарај, Љубин, Кондово, Крушопек, Лока, Грчец, Шишево, Глумово, Долна Матка, Арнакија и Рашче.

Ова на денешната прес-конференција го соопштија скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

- Целта на ваквата одлука и ангажман е да го подигнеме нивото на хигиената, особено во урбаниот дел од општина Сарај и во СРЦ „Матка“. Со тоа официјално почнува и системот на реорганизација на управување со комуналниот отпад во Град Скопје, рече Шилегов.

Најави дека во наредниот период ќе бидат одвоени средства и за набавка на капацитети што ќе ја зголемат функционалноста на „Комунална хигиена“. 

Потсети дека во изминатиот период имале сериозни забелешки за хигиената, особено во Сарај, Глумово и СРЦ  „Матка“. Зеленилото ќе го одржува ЈП „Паркови и зеленило“. 

Градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети појасни дека со нивното јавно комунално претпријатие ќе продолжат да ја одржуваат хигиената во останатите населени места. 

- Првпат во општина Сарај ќе се собира смет во сите населени места, рече Беџети.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Шабани изјави дека одлуката за проширување на територијата на дејствување ја донеле со една единствена цел - зголемување на нивото на чистота и хигиената на што поголем дел од територијата на Град Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека во текот на годинава се издвоени три милиони денари за езерото Треска, кои се однесуваат на изработка на студија која ќе им овозможи на Град Скопје и на општина Сарај да изнајдат оптимално решение за негова целосна ревитализација. 

Прашан дали ќе се наплаќа паркингот на Матка како на Водно, Шилегов рече дека го разгледуваат концептот со општина Сарај за намалување на метежот.

- Мојата желба е дека влезот на автобусите ќе мора да се наплаќа и автобусите по истоварањето на патниците да заминат за да обезбедиме паркинг за нив, рече Шилегов.