Македонија
1. October 2021 - 8:46

Очекувања Самитот ЕУ-Западен Балкан да даде јасна порака за придвижување на процесот на проширување

Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија, очекувањата се дека на самитот ќе биде дадена јасна порака за придвижување кон напред на процесот на проширување. Посетите на Скопје на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји се оценети како силен сигнал дека ЕУ напорно работи за изнаоѓање решение со Бугарија, со цел Македонија официјално да ги отпочне преговорите што е можно поскоро.

– Желбата е и на Западен Балкан и на ЕУ, конечно да направиме поместување во овој процес и соодветниот наратив на форумот, што ќе се одржи во Словенија, навистина ќе биде многу важна порака што треба да стигне до граѓаните и институциите во сите земји од Западен Балкан, но и кај земјите членки. Ги следите дискусиите во ЕУ. Нема дилеми за стратешката поставеност на Западен Балкан, на ЕУ кон процесот на интеграции на Западен Балкан и затоа е многу важно по одредена видлива пауза, кои конкретни чекори ќе бидат прифатени, изјави вчера премиерот Зоран Заев на Форумот на граѓанско општество на Западен Балкан – Скопје, организиран од Економскиот економски и социјален комитет.

Заев ги оцени како позитивни средбите со Вархеји, посочувајќи дека нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа, како што рече, ни беше појаснето и од претседателката на ЕК Фон дер Лајен.

Премиерот рече дека разговарале и за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и соодветното поставување на лидерите од Западен Балкан во пресрет на форумот, а една од темите на средбата било и прашањето со Бугарија. – Прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање на прифатливо решение. Напорите, кои што ги прави еврокомесарот Вархеји и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, секако претходниот ден охрабрени од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се тие пораки кои што беа испратени – до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември кога е Советот на Европа, да имаме позитивно решение. Дотогаш треба да работиме сите страни, пред се Македонија и Бугарија, но и ЕУ, за да ја постигнеме целта, изјави Заев.

Toj потсети дека сите земји-членки на ЕУ ја прифатија одлуката на ЕК од март 2020 година и се согласија дека интегрирањето на партнерите од Западен Балкан во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот континент и дека ЗБ е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за ЕУ. За жал, истакна Заев, Бугарија ја блокираше оваа одлука и таа блокада е сѐ уште активна и изрази надеж дека на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ.

Заев истакна и дека напредокот во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди, а ние, во духот европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања.

– Проширувањето отсекогаш носело силни мислења и многу емоции, многу оптимизам и екстремен песимизам во исто време. Пред се за да се има успех во проширувањето треба посветеност. Тоа е геостратешка инвестиција во мирот, сигурноста, стабилноста и економскиот раст. Патот до ЕУ како што знаеме е долг и комплициран и полн со предизвици, но за мене нема сомнение дека Западен Балкан е целосно посветен на тоа да стане дел од ЕУ и затоа ние се трудиме најмногу што можеме тоа да се случи, нагласи еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во виртуелното обраќање на Форумот во Скопје.

Тој подвлече дека граѓаните во регионот силно ја поддржуваат неговата целосната интеграција во ЕУ. – И не само затоа што тоа е политички приоритет за политичките елити во овие земји, тука исто така тоа е рефлексија на мислењето на граѓаните на Западен Балкан, кои силно ја поддржуваат целосната интеграција на регионот во ЕУ, истакна Вархеји.

– Сега на крајот од годинава имаме неверојатни можности и предизвици да ја изградиме нашата работа и да дадеме свеж момент на процесот на проширување. Следната недела ќе се одржи Самитот на ЕУ-Западен Балкан со што ќе се потврди нашата посветеност на регионот. Кога станува збор за Албанија и Македонија само можам да ги повторам зборовите на претседателката на ЕК Фон дер Лајен, да биде постигнат договор за прифатлива преговарачка рамка, што ќе го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на словенечкото претседателство, рече тој.

Вархеји истакна дека патот до ЕУ е долг и комплициран и полн со предизвици, но за мене, рече, нема сомнение дека Западен Балкан е целосно посветен на тоа да стане дел од ЕУ и затоа се трудиме најмногу што можеме тоа да се случи. Тој нагласи дека граѓаните во регионот силно ја поддржуваат неговата целосната интеграција во ЕУ.

Во однос на прашањето со Бугарија, Заев рече дека има поместување во ставовите, затоа што, како што посочи, Бугарија се повеќе ја разбира неопходноста на нашите потреби, прашања и важни аспекти од разговорите преку кои не може да се помине. – Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се само наше најважно прашање, тие се и европска вредност, како што е бугарскиот идентитет и бугарскиот јазик европска вредност, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по Осмиот форум на граѓанско општество на Западен Балкан, што се одржа вчера Скопје.

Напорите, посочи Заев, на еврокомесарот Оливер Вархеј и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се до крајот на годината, од 14 до 17 декември за Советот на Европа да имаме позитивно решение. – Дотогаш треба да работиме сите страни. Македонија и Бугарија, но и ЕУ за да ја постигнеме таа цел, изјави Заев.

Поместувањата со Бугарија, појасни Заев, се на меѓусебно разбирање, но не се дефинирани сите чекори и правци и за тоа треба да се разговара. – Ова се сериозни и позитивни пораки на Бугарија, кои што сакаме да возвратиме, исто така, апсолутно со позитивни пораки. Јас верувам, пред се паметните луѓе, експертите од министерствата за надворешни работи, но и ние политичарите, на крајот да бидеме паметни за да обезбедиме и добра сегашност и добра иднина и на Македонците и на Бугарите, и на сите граѓани на Македонија за подобра иднина со нашиот источен сосед, за кој што јас многу често знам да кажам дека сме братски народ, појасни Заев.

Прашан дали Бугарија ќе прифати дека не сме вештачки народ и нација создадена по 1945 година, Заев рече дека не сака да коментира одредени разговори и интервјуа или медиумски натписи, затоа што бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Стефан Јанев никогаш тоа го немаат кажано пред него.

– Тие веруваат во нашето пријателство, нашата соработка и нашето добрососедство. Ја чувствуваат потребата да помогнат од бугарска страна, како што и ние чувствуваме од македонска страна да помогнеме, затоа што е многу важно каква историја и денеска пишуваме. Историјата, никој не бара ние да ја утврдиме и конечно заокружиме. Историјата, уште во договорот за добрососедство има намера да биде мост на пријателство и соработка, изјави Заев.

Во исто време вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од Стразбур, каде имаше специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа, порача дека ниту една земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и кој јазик го зборуваме, бидејќи не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, Димитров зборуваше за европските интеграции на земјата, за жртвите кои ги направи и разочарувањата од блокадата и два пати повтореното вето на Бугарија, нагласувајќи дека „спорот“ со Бугарија не е територијален, туку за различната интерпретација на историјата, потсетувајќи притоа на симболичноста на Советот на Европа и Стразбур и на европските вредности кои се залагаат за различност и почитување на идентитетот и јазикот на секого.

– Ниту една земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и нашиот јазик, кој јазик го зборуваме, тоа не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед. Ако има добро решение, тоа треба да биде според европскиот дух… Преземениот ангажиран излезе од колосекот и беше пренасочен и тоа не беше по наша грешка, нагласи вицепремиерот.

Димитров како неоснована ја оцени забелешката на бугарската пратеничка и поранешна министерска за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева дека „во Македонија се дискриминираат оние кои сакаат да се изјаснат како Бугари и дека има говор на омраза“.

– Констатирам дека околу обвинувањата за дискриминација немаше ниту една жалба за дискриминација по овој основ, ниту тужба пред Европскиот суд за човекови права. Но, запознат сум за други случаи, но тие не се против нашата земја. Не знам какви се тоа обвинувања за кои се зборува во бугарската јавност од страна бугарските политичари. Ние сме мултиетничка земја. Нашиот Устав и политичка традиција го имаат принципот дека сите сме еднакви и живееме во ист дом. Оваа наша политика не ја споделуваат сите земји во регионот, рече вицепремиерот, потсетувајќи дека во земјава се спроведува попис кој завршува денеска и на кој секој слободно може да се изјасни за неговата национална или етничка припадност.

Тој посочи дека треба многу отворено да се зборуваме за обвинувањата за дискриминација, но претставува проблем, како што нагласи, што нема ниту една претставка за тоа. Околу обвинувањата за говорот на омраза, Димитров потенцира дека никој од владините претставници во земјава не ширеа говорот на омраза, додавајќи дека за разлика од ова за време на изборните кампањи во Бугарија имаше претставници партии чии изјави „можат да се интерпретираат како директни претензии кон Македонија и како говор на омраза“.

– Тоа што го опишувате како пораст на гнев и на говор на омраза, е предизвикано од тоа што вие им велите кои се и што се, која е нивната историја, нивниот јазик. Разбирливо е во такви услови да има негодувања. Ние ги осудуваме таквите инциденти, рече Димитров.

Тој посочи дека бугарската политика кон Македонија не оди во прилог на пријателството, туку кон антагонизам. – Вие го потхранувате тоа, и порача Димитров на Захариева, додавајќи дека земјава во Советот на Европа ја поддржува иницијативата за создавање Опсерваторија за изучувањето на историјата во Европа.

Димитров во обраќањето нагласи дека за земјава нема друга алтернатива освен Европа. – Ако Европа не ги исполни своите ветувања и обврски ќе ја изгуби довербата на народот и населението кое живее во овој дел на Европа, додаде вицепремиерот, коментирајќи ги забелешките на повеќе пратеници за неисполнетите ветувања на ЕУ кон Македонија. – Заслужениот пробив на евроинтегративниот пат е клучен за зајакнување на релациите на ЕУ со регионот, силно одразувајќи ја геостратешката улога на Унијата, нагласи Димитров во обраќањето.

– Ние имаме што да кажеме и имаме многу силни аргументи. Реално, редот е на ЕУ да испорача. Во тој контекст од самитот ЕУ-Западен Балкан на регионот му треба јасно ветување за неговата европска иднина, изјави Димитров.

Осврнувајќи се на негото учество со специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собртание на Советот на Европа, Димитров, како што јави дописникот на МИА од Стразбур, истакна дека ПССЕ одамна не дебатирало за Балканот, а тајмингот е одличен и очекува оваа дебата да резултира со една голема поддршка на 47-те земји челени во однос на европската иднина на Блаканот, кој е многу потребна.

– Работите не се добри и мора да бидат подобри. Јас се обидов преку македонската приказна како најдрастична да им укажам посебно на 27-те земји членки на ЕУ, зошто процесот мора да мрдне. И истовремено на некој начин да аргументирам и за целиот Балкан, за шесте земји од Западниот Балкан, зошто е толку важно Европа да си го одржи ветувањето. Ветувањето е дадено пред 18 години и дури и молчев 16 секунди за да ги симболизирам 16-те години што македонскиот народ, сите македонски граѓани ги поминаа во чекање да почнеме на патот. Така што мислам дека целта ја остварив. Имав и доста средби на маргините. Мислам дека имаме што да кажеме и имаме многу силни аргументи. Мсилам дека реално, редот е на ЕУ да испорача, рече Димитров.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во исто време испрати јасна порака дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Македонија.

– Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека е непотребна компликација, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на Македонија, за време на дискусијата со Стивен Ерлангер, уредникот на дописништвото од Европа на „Њујорк Тајмс“.

Грчкиот премиер се осврна на претстојниот Самит ЕУ- Западен Балкан во Словенија, истакнувајќи дека оттаму треба да се прати јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во Европа. – За неколку дена ќе сретнеме во Словенија. Треба на Западен Балкан да му понудиме јасна европска перспектива. Треба отворено да разговараме за проширувањето. Треба да пратиме сигнал дека за 10-15 години, колку и да е потребно, но дека Западен Балкан припаѓа во Европа, рече Мицотакис и додаде дека евентуалниот вакуум што би се создал „ќе го окупираат други играчи“.

На оваа тема вчера, амбасадорот на Чешка во земјава Мирослав Томан, изјави дека преговорите со Македонија и со Албанија треба да почнат што е можно побрзо. Тој, одговарајќи на прашањето на МИА дали можеме да очекуваме решение со Бугарија до крајот на годинава, имајќи ги предвид и посетите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој во текот на една седмица ги посети и Скопје и Софија, рече дека овие посети се уште еден доказ за огромните напори на политичарите од ЕУ, како и на двете влади, под претседателството на Словенија, за да се дојде до решение за почеток на преговори со Скопје и Тирана.

– Одлуката за почеток на преговори веќе е донесена од страна на Советот на ЕУ, и сега треба да дојдеме до решение за усвојување на Преговарачката рамка, и ова е само прашање на време. Ова е ставот на Чешка по ова прашање, и се надевам дека ова е позицијата на целата ЕУ оти Македонија и Албанија треба да ги отпочнат преговорите што е можно побрзо. Правиме се за да се дојде до решение за почеток на преговори. Се надевам дека ова ќе вроди со успех и дека ќе видиме резултати пред крајот на годинава, оцени чешкиот амбасадор.

Тој потсети дека Чешката Република целосно ја поддржува Македонија од самиот почеток на процесот на пристапување во Европската Унија. – Сметам дека сите овие посети на европски претставници, се уште една потврда дека Македонија има силна поддршка од европските држави и прашањето не е дали, туку кога ќе се случи тоа. И сите се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно поскоро. Исто така, треба да бидеме реалистични, знаеме дека во Бугарија има техничка влада и тоа го отежнува изнаоѓањето решение, но ние не се предаваме, рече Томан.

Амбасадорот посочи дека даваат силна поддршка на сите оние кои се вклучени во разговорите за изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија. – Нашата позиција е преговорите да започнат што е можно побрзо, со надеж пред крајот на годинава. Нашите колеги од Словенија работат напорно, претходното преседателство со ЕУ исто така ги вложи сите напори за ова прашање и треба да постигнеме договор за ова прашање, посочи чешкиот амбасадор Томан. 

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Вархеји оваа седмица го посетија Скопје. Фон дер Лајен изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава. Вархеји, пак, вчера на Твитер напиша дека со премиерот Зоран Заев разговарале како да го придвижат напред процесот на проширување преку отворање преговори со Македонија и со Албанија.