Loading Video...
Ракомет
29. October 2019 - 18:44

Очекувана и убедлива победа на Вардар над Пекинг Универзитет

Актуелниот шампион во СЕХА конкуренцијата Вардар ја оствари четвртата победа во регионалното натпреварување. 
 
Црвено-црните вечерва во Загреб, во рамките од 5.коло на групата А го совладаа дебитантот во ова натпреварување кинескиот тим Пекинг Спорт Универзитет, 
 
Иако на овој меч вардарци настапија без неколкумина стандардни првотимци (Павел Атман, Сергеј Горпишин, Сташ Скубе, Стојанче Стоилов и Жозе Толедо), сепак и со подмладениот и комбиниран состав Вардар беше пресилен за универзитетската екипа на Пекинг, па на крајот резултатот гласеше 36-28 (21:10). 
 
Со по седум постигнати голови кај Вардар најефикасни беа 18-годишниот Ален Косевски и Словенецот, Домен Сикошек Пелко, додека Димитар Димитриоски постигна еден помалку. 
 
Со оваа победа  и вкупно 12 бодови, Вардар се израмни на врвот на табелата со украинскиот Мотор Запорожје тим од кој го претрпе и единствениот пораз во СЕХА лигата сезонава. 
 
За вардарци сега претстои нов предизвик и тоа во недела во Лигата на шампионите, кога во Скопје против Мешков Брест црвено-црните ќе треба да ја да се рехабилитираат од двата тешки порази (Кил и Веспрем) во елитното натпреварување. 
 
Веднаш по тој меч (понеделник) ќе следува и дуелот против Војводина во рамките на 6.коло на СЕХА.